Со овие 500 илјади дози од „Синовак“ и со 100 620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат, откако изминатиот период, поради малата количина на дози со кои располагаше нашата земја, вакцинацијата се успори
Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека на скопскиот аеродром слетал првиот авион со вакцини од „Синовак“, а попладне се очекува да пристигнат и останатите количини.
„Првиот авион од вкупната пратка од 500 000 дози вакцини, што ги купивме од производителот Синовак слета утрово на скопскиот аеродром. Во текот на претпладневните часови се очекува да пристигнат и останатите количини. Благодарност до Народна Република Кина за заложбите да ја добиеме оваа поголема количина на вакцини и за точноста во испораката на истите“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Со овие 500 илјади дози од „Синовак“ и со 100 620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат, откако изминатиот период, поради малата количина на дози со кои располагаше нашата земја, вакцинацијата се успори.
Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462 211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.
„Еве ги официјалните карактеристики на вакцината ‘Синовак’ објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица“,
напиша министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук, објаснувајќи ги карактеристиките на вакцината, по дебата во јавноста, врз основа на информации објавени во стручни списанија, дека има помала ефикасност.