„Ќе ги разгледаме исказите, видеоматеријалот од камерите и, ако треба, ќе побараме искази од други лица кои не ги испитала комисијата за да констатираме што се случило“, изјави в.д. основниот јавен обвинител од ОЈО Прилеп, Лидија Салатоска-Илиеска
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп го доби полицискиот извештај за случајот со 11-годишното дете кое во понеделникот падна од прозорецот на највисокиот кат од зградата на основното училиште „Гоце Делчев“ и се здоби со тешки телесни повреди. Во извештајот, на барање на Обвинителството, има искази од медицинските лица, од вработените во училиштето, како и видеоснимки од настанот.

„Го добивме полицискиот извештај. Ќе ги разгледаме исказите, видеоматеријалот од камерите и, ако треба, ќе побараме искази од други лица кои не ги испитала комисијата за да констатираме што се случило. Случајот е класифициран како несреќен“,
изјави в.д. основниот јавен обвинител Лидија Салатоска-Илиеска.
Инцидентот во основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп се случи на првиот ден од второто полугодие, 20 јануари, во попладневната смена кога шестоодделенец падна во училница на највисокиот, трет кат, од објектот. Со тешки телесни повреди – сршеници на стапалата и прешлените – момчето е пренесено на Клиниката за детска хирургија во Скопје.