Европскиот експерт учествуваше на дебатата која го затвори Белградскиот безбедносен форум, а се однесуваше на иднината на Западниот Балкан
„Иднината на Европа и Западниот Балкан“, беше тема на последната дебата која вечерва се одржа во рамки на 10. Белградски безбедносен форум. Рајнхард Прибе, кој сега е член на бордот на Транспаренси Интернешенал, а своевремено беше на чело на експертската група која работеше на прашањата за владеење на правото во регионот, Симонида Кацарска од Институтот за европска политика од Скопје, Срѓан Мајсторовиќ од Центарот за европска политика од Белград и Недим Хогиќ дебатираа за тоа колку новата методологија на ЕУ ќе влијае на процесот на пропирување на ЕУ и кога може да се очекува регионот конечно да биде дел од границите на Унијата.

Кацарска, во описот на ситуацијата, како што рече, го искористи жаргонот на ЕУ дека стратешка рамка имаме, но следи да видиме како ќе оди имплементацијата.

Во однос на нашиот случај рече дека одново се запали црвеното светло, овојпат од Бугарија со поставување на историски и други дилеми како препрека во овој процес, но изрази надеж дека тоа ќе биде надминато и до крај на годинава ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
Таа смета дека потребен е повеќе од еден процес на проширување за Западиот Балкан, но успех е и ако има еден и контатира дека целиот регион има заедничка иднина во ЕУ.
„Само преку позитивен пример со Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе покаже сигнал за другите земји во регионот дека ја имплементира новата методологија“,
рече Кацарска.
Рајнхард Прибе, кого модераторката на дебатата го претстави како синоним за владеење на правото во регионот, најголем дел од излагањето го посвети на значењето на новата методологија која ЕУ ја усвои во однос на проширувањето и нејзиното вијание врз самиот процес.

Според него, елементите во неа се сосема разумни и целта е поголема ефикасност на самиот процес и негово забрзување, а не успорување.
„Јас сега сум надворешен посматрач на тој процес и не можам да кажам дали тие со сигурност ќе го забрзаат процесот, треба да почекаме, но важно е дека основните принципи на ЕУ- интеграцијата се непроменети. Нема скратен пат до тоа“,
рече Прибе.
Тој смета дека е искрена намерата за забрзување на тој процес, а не негово одложување.
„Нема дилема за перцепцијата за Западен Балкан како дел од ЕУ и затоа сметам дека е непотребно да се изразува сомнеж во тоа“,
додаде тој.
Самата методологија тој ја објасни како неопходност, бидејќи како што рече 15 години се зборува за капацитетот на Унијата за апсорпција на нови членки.
„Има политичари кои бараат внатрешни реформи, па проширување, и тоа не е тајна кои се – група која ја предводи Франција. За некои земји ќе биде тешко да го дадат конечното ‘зелено светло’ за проширување, но јас мислам дека намерата не е да се одложува, туку предизвикот е да се биде поефикасен во однос на чекорите кои ќе водат до проширување и прифаќање на земјите од Западен Балкан“,
рече Прибе.
Како еден од примерите, тој го спомена фактот дека во ЕУ во моментов има 24 официјални јазици, а со приклучување на земјите од Западен Балкан тој број би бил поголем и со самото тоа ќе бара и дополнителна организација и финансии, за што се потребни рефори во повеќе области.
Тој признава дека не може да се игнорира ниту фактот дека кај граѓаните на некои земји членки на ЕУ има стравување дека проширувањето ќе им го загрози просторот.
Проблемот на Западен Балкан е во традицијата на владеење
Говорејќи за своето искуство со земјите од Западен Балкан – извештаите за Северна Македонија и неодамна за БиХ, Прибе рече дека во однос на владеењето на правото, ним не им недостасува легислатива, ниту институции, туку проблемот е во традицијата и културата на владеење, недостаток на имплементација, а тоа се поврзува со т.н. киднапирање на државата од политичари или од некој економски интерес, што создава незадоволство и недоверба на граѓаните во институциите.
„ЕУ и самата има сериозни проблеми со владеење на правото во некои земји членки и тоа значи дека не сака да дозволи увоз на дополнителни проблеми“,
смета европскиот експерт.

Учесниците во дебатата, исто така, посочија дека методологијата е потребна и бидејќи, како во случајот на Црна Гора и Србија, почетокот на преговорите не се покажал како делотворен доволно во однос на подобрување на демократијата и владеењето на правото, при што тие режими и натаму Фридом хаус ги класифицира во хибридни, со медиуми кои се под закани. Она што за дел од учесниците е главна пречка со која се соочува регионот е кризата на доверба, и во контекст на регоналната соработка и ЕУ-интеграциите.
На крајот, на прашањето на модераторката како ја гледа перспективата на регионот и на ЕУ во 2030 година, Прибе рече:
„Во 2030 година ковид-кризата ќе биде завршена и сите земји од Западен Балкан ќе бидат во ЕУ и нема да има ниту една земја надвор“.
Мајсторовиќ и Хогиќ говореа за искуствата на нивните држави, Србија и БиХ.
Ова беше и последната дебата што се одржа во рамки на Белградскиот безбедносен форум, кој годинава го одржа своето десетто издание, кое, поради пандемијата со ковид-19, беше организирано онлајн.

Под наслов „Нема доверба – нема мир“ десеттото издание на традиционалниот меѓународен форум го одбележаа 24 онлајн панели, сесии, дискусии и специјализирани настани со над 80 учесници.

За дел од дебатите кои имаа поголемо значење за регионот, можете да прочитате од извештаите што ги објавивме денеска и минатата недела.
Дебата: Соседската соработка во безбедноста носи придобивки за сите
Излегување на Западен Балкан од новиот неред: Дебата за перспективите во ЕУ и регионалната економија
Дебата за депопулацијата: Како до економски раст со помалку луѓе?
Ландсман: Работењето од дома ви дава можност да работите за компании во поразвиените земји
Дебата: На Балканот му се потребни играчи кои се посветени на либералните вредности
Ковид-кризата го зголеми криминалот: Шверцот на дрога и сајбер-измамите во подем
„Нема мир без доверба“ – 10. издание на Белградскиот безбедносен форум