Корона-кризата донесе и некои нови можности за луѓето низ светот, односно направи да има еднакви можности, особено кога станува збор за работа од дома (онлајн). Сега веќе не е важно дали некој живее во Лондон или се наоѓа во некоја од балканските земји, а треба да работи од дома за лондонска компанија.
Ова го кажа поранешниот британски дипломат Дејвид Ландсман на 10. Белградски безбедносен форум дискутирајќи за пандемијата предизвикана од ковид-19 и нејзиното влијание врз светот, со посебен осврт кон земјите од Западен Балкан.
Ландсман е поранешен британски дипломат, а бил и амбасадор во Грција и Албанија, тој важи за добар познавач на состојбите во регионов. Сега е претседател и на Британско-српската трговска комора.
Тој вели дека технологијата и можноста да се работи онлајн, особено е поволно за луѓето од Балканот и тоа треба да го искористат како можност.
„На Балканот има луѓе што се високоедуцирани, поголемиот број од луѓето течно зборуваат англиски јазик и тоа е предноста. Сега може да се понудат како работна сила која може да извршува работа од дома, без разлика дали ќе се работи од дома во Белград или од Нови Сад“,
вели Ландсман.
Тој додава дека на ова треба да се гледа како можност, а не како пречка и додаде дека и тој соработува со компании од Индија, па сега целата работа ја завршува онлајн.
„Еве, јас учествувам од Лондон, иако можеби ќе бев покорисен ако физички бев во Белград, сепак, ние имаме добра конекција, стабилен интернет и водиме дискусија. Што значи дека целта е исполнета. Така треба да се гледа и на можноста за работа. Сега можеби повеќе ќе имаат луѓето од Западен Балкан да работат за некоја британска компанија отколку пред ковид-19, кога се бараше да се живее во местото каде што е и компанијата“,
вели Ландсман.
На прашањето како гледа на односите меѓу Британија, Европска Унија и Западен Балкан за една година отсега, тој рече дека е многу тешко да се биде прецизен, имајќи предвид оти не се знае како ќе развиваат работите со корона-кризата, дали и како ќе заврши. Ландсман додаде дека и процесот со „брегзит“ е непредвидлив, но истакна дека тоа е уште една можност за земјите од Западен Балкан да почнат повеќе да соработуваат со Велика Британија.
„Луѓето нема да се променат многу по ковид-кризата, во смисла на нивните социјални навики, особено што на луѓето им се потребни физички контакти. Сметам дека во тој правец нема да има драматична промена. Мнозинството од луѓето ќе се вратат во нормала и онака како што функционирале претходно“,
вели Ландсман.