Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ја коментира реториката што ја упати Арсовска кон него на денешната седница на Советот на Град Скопје дека е „шпицен градоначалник“
Претврдо е да се каже дека е објавена војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, рече лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Мицкоски не сакаше да ја коментира реториката што ја упати Арсовска кон него на денешната седница на Советот на Град Скопје дека е „шпицен градоначалник“. Тој посочи дека се што е дел од програмата „За модерно Скопје“, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, а се што е надвор од програмата, ќе го критикува.
Како што рече, ќе ја потсетат за тие проекти што ги заборавила, а за сето тоа што е спротивно од програмата, ќе бидат жестоки критичари.
„На масата кај Арсовска е програмата ‘За модерно Скопје’ што беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Се од таа програма што ќе се постави пред Советот, ќе поддржиме. Ние и посакавме успешна работа и да почне да ги спроведува проектите, и за тие проекти ќе има безрезервна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Засега не можеме да видиме дека тоа се прави“,
рече Мицкоски.
Мицкоски напомена оти немал информација дека градоначалничка Данела Арсовска ќе го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализации“, Златко Перински.
„Не сум имал таква информација. Од тоа со што сум запознаен, Перински претпријатието го има подигнато на високо ниво, има зголемена добивка споредено со неговиот претходник, знам дека предлагаше неколку проекти во делот на енергетската ефикасност“,
рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека со градоначалничката Арсовска се гледале до мај месец, имале често коориднација со дел од луѓето од Градот, да разговараат за проектите.
„До тој период бев од блиску вклучен. Имавме некоја динамика која не се испочитува, но реков, ќе ги поддржуваме сите политики кои се дел од овој концепт“,
додаде Мицкоски.
За тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ решило да ја поддржи Арсовска за прв човек на главниот град, Мицкоски кажа дека во тоа време верувал дека вонпартиски човек може да биде плус додадена вредност.
Прашан дали би прифатил дуел со Арсовска, тој посочи дека можеби за таква дебата посоодветен би бил некој од советниците или претседавачот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не дека јас одбивам дуел, туку за да имате подобра емисија. Јас сепак детално не сум запознаен со проектите во Градот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски укажа дека членството на ВМРО-ДПМНЕ се жестоки борци за своите луѓе но и жестоки критичари ако некој ги изневери нивните очекувања.
„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во која членството не се обединува поради функции и привилегии. Членството и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се обединуваат поради идеја, веруваат во таа идеја и работат за таа идеја. Тие се толку мудри луѓе и знаат да препознаат искреност, чесност, работливост и тоа го следат. Кај секој еден човек ако тоа го подржат без разлика дали е независен кандидат или потекнува од нашата ВМРО матрица, доколку ги препознаат овие атрибут тие ќе го подржат, а доколку не ги препознаат овие атрибути, ќе го критикуваат и тука нема дилема. Тие се жестоки борци за своите луѓе но и жестоки критичари ако некој ги изневери очекувањата на тие луѓе“,
додаде Мицкоски.