„Не само во историската наука туку и во колективната меморија на граѓаните, на населението, без разлика на етничката припадност, ликот на царот Фердинанд не се перцепира позитивно, со оглед дека како владетел со Бугарија на преминот од 19 во 20 век иницирал повеќе воени активности на територијата на Македонија. Независно кој го иницира ова здружение, неговото основање би предизвикало вознемиреност кај македонската јавност“, вели за „360 степени“ претседавачот со Советодавното тело, универзитетскиот професор Бобан Петровски.
Претседавачот со Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности при именувањето граѓански здруженија и фондации, универзитетскиот професор Бобан Петровски за „360 степени“ и официјално потврди дека на денешната седница донеле негативно мислење за употреба на името на бугарскиот цар Фердинанд во името на здружение што сака да биде именувано по оваа историска личност.

„Денеска имавме состанок на Советодавното тело и една од точките на дневен ред беше барањето за мислење за името на ова здружение. Телото донесе негативна одлука и како таква ќе му ја предложи на Министерството за правда“,
ни изјави проф. Петровски.
Околу образложението на ваквото негативно мислење, професорот на Институтот за историја при Филозофскиот факултет при УКИМ вели дека тоа дополнително ќе биде составено врз основа на записникот од седницата, на која секој од членовите, особено оние чиј домен на екпертиза е токму периодот од историјата кога дејствувал царот Фердинанд, се изјаснил во врска со барањето за користење на името на царот Фердинанд при именувањето на граѓанско здружение.
Сепак, во кратко резиме претседавачот со ад хок телото вели дека независно од каде доаѓа и кој го иницира ова здружение тоа би предизвикало вознемиреност кај јавноста во земјава.
„Не само во историската наука туку и во колективната меморија на граѓаните, на населението, без разлика на етничката припадност, ликот на царот Фердинанд не се перципира позитивно со оглед дека како владетел со Бугарија на преминот од 19 во 20 век иницирал повеќе воени активности на територијата на Македонија. Независно кој го иницира ова здружение, неговото основање би предизвикало вознемиреност кај македонската јавност“,
вели Петровски.
Фердинанд бил кнез на Бугарија од 1887 до 1908 година и цар на Бугарија од 1908 до 1918 година, односно владеел во времето кога Македонија била поделена по Балканските војни, во кои Бугарија била една од учесничките.
Инаку, од Правда за „360 степени“ официјално потврдија дека во саботата до Министерството стигнало барање за користењето на името на бугарскиот цар Фердинанд во име на здружение, по што веднаш било препратено до Советодавното тело.
Станува збор за прв работен состанок на ова ад хок тело, ако се изземе конститутивната седница одржана на 5 октомври, кое беше формирано од Владата по напливот на бугарски здруженија и клубови со контроверзни имиња на историски личности и соработници на фашистичката оска за време на Втората светска војна, што предизвика бран негативни реакции во јавноста.

Документите за регистрирање на здружение со името на цар Фердинанд се доставени до Централниот регистар од каде што неодамна соопштија дека тие се во фаза на разгледување и на овој став остануваат и понатаму.
Доколку се регистрира, ова ќе биде трето по ред бугарско здружение во земјава што е отворено текот на оваа година.
Здружението „Иван Михајлов“ е регистрирано во март 2019 година во Битола, а во април оваа година беше отворен и клуб „Ванчо Михајлов“. На свеченоста по повод отворањето на клубот присуствуваа претставници на бугарскиот државен врв.
Неколку месеци подоцна, односно на 7 октомври, во Охрид, во на моменти тензична атмосфера поради протестите организирани од политичката партија Левица, се случи отворањето на клубот „Цар Борис Трети“, откако претходно на 17 ноември 2021 година во Охрид здружението што го носи името на оваа историска личност беше регистрирано во охридската филијала на Централниот регистар на 17 ноември 2021 година.
Два дена пред отворањето на овој клуб, во Владата се одржа конститутивната седница на советодавното тело кое треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација.
Улогата на ова тело, како што посочија тогаш од Владата, ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.
На денот на отворањето на клубот „Цар Борис Трети“, ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за измена на Законот за здруженија и фондации, а од Министерството за правда информираа дека работат на нов Закон за здруженија и фондации, кој, како што беше најавено, до крајот на овој месец, односно најдоцна до денеска требаше да биде ставен на ЕНЕР.
Предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ беше ставен дневен ред на 88. пленарна седница, на која пратениците со големо мнозинство и со поддршка на владејачката СДСМ ја усвоија потребата од негово носење, но на конечното гласање на законското решение сè уште се чека.
Во меѓувреме добро упатени извори за „360 степени“ рекоа дека измените на Законот за здруженија и фондации што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ не значат крај на активностите на работната група формирана од Министерството за правда која работи на целосно нов Закон за здруженија и фондации.
Извори од Министерството за правда велат дека измените на Законот предложени од ВМРО-ДПМНЕ се своевидно ургентно ад хок решение кое се носи со цел да се спречи евентуално отворање нови здруженија со спорни имиња, како што тоа беше случај со здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Кон вакво решение, преку пратениците во законодавниот дом, да се донесат измени на постојниот закон, се оди за да се добие на време. Доколку, како што велат нашите извори, се чекаше новиот закон да биде готов, тоа ќе одземеше премногу време потребно за целата постапка да се истера до крај.
Според нив, затоа се оди со ова решение, преку пратениците по скратена постапка да се донесат измени во актуелниот, односно постојниот закон со кој ќе се превенираат ситуации, какви што имавме неодамна.
Но засега не се донесени ниту предлог-решенијата на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието, за кои поддршка даде и владејачкиот СДСМ ниту, пак, нацрт-верзијата на целосно новиот закон на Правда го има на ЕНЕР.