Официјалните информации од Кабинетот на Џафери се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со неговата одлука за инцијативата
Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии
Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да ја разгледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Официјалните информации од Кабинетот на Џафери се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со неговата одлука за инцијативата. Доколку таа добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.
Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена. Ова е предвидено во Деловникот за работа на Собранието. Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии.
Во јавноста излегоа информации дека е извесно сценариото – иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум да биде оценета како неуредна. Основата за таков заклучок, според анонимни пратеници од владејачкото мнозинство, е што иницијативата е упатена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.
„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија“,
нагласи Мицкоски.
Мицкоски во вчерашната изјава рече оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.
Вицепремиерот за европски парашања Бојан Маричиќ синоќа изјави дека нема да има никаква смисла ниту цел одржување референдум, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа.
„Само еден референдум има смисла – дали сте за членство во ЕУ или не, сите други прашања се заобиколување на единственото вистинско прашање“,
рече Маричиќ.
Прашањето за референдум, посочи тој, е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори.
„Не е тоа соочување на власта и опозицијата, туку едноставно зошто би биле ставени граѓаните во таква ситуација. Да се потсетиме прашањето кое што го предлага ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е врзано за Договорот од 2017 со Бугарија, за кој што исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст, а имаше можност да гласа против. Тие ниту тогаш 2017, ниту сега за францускиот предлог не гласаа против, туку ја напуштија салата на чинот на гласањето“,
рече Маричиќ во гостувањето на Топ Тема на Телма ТВ.
ВМРО-ДПМНЕ минатата недела и официјално до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот.