Тој објави дека листата на владејачката коалиција за парламентарните избори ќе се вика „Обединета Србија“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска кажа дека ќе биде шеф на државата уште неколку недели и дека потоа ќе поднесе оставка. Најавата доаѓа на една година пред истекот на неговиот претседателски мандат и во услови на континуирани антивладини протести во Србија.
„За мене, ова е веројатно последен пат да ви се обратам како претседател на Републиката. Верно ѝ служев на мојата земја 14 години. Ја сакам Србија повеќе од сè друго. Никогаш не сум се занимавал со туѓите интереси. Не сакав да служам на никого освен на граѓаните на Србија. Ова се моите последни денови и недели како претседател“,
рече Вучиќ на митингот на владејачката Српска напредна партија пред Домот на Народното собрание.
„Ќе бидам претседател уште неколку недели, па ќе поднесам оставка“, повтори Вучиќ.
Тој објави дека листата на владејачката коалиција за парламентарните избори ќе се вика „Обединета Србија“.
„Тоа е најубавото мото што можеме да го имаме“,
смета Вучиќ.
Во говорот, тој ги спомена и студентите кои ги обвини дека биле играчка во рацете на политичарите, но потоа кажа дека им подава рака.
„Студентите прво беа играчка во рацете на политичарите, потоа во рацете на другите. Ги молев да разговараат, сакаа да разговараат со сите, не сакаа да разговараат со својот претседател. Нема странец со кого претставниците на универзитетот не разговарале. Денеска ви подаваме рака и велиме – по илјадити пат ви се обраќаме. Ви простуваме сè што направивте, но не сме наивни и нема да заборавиме што ѝ беше направено на земјата во изминатата година… Ќе ја уништат нашата земја за една или три години, но не смееме да дозволиме“,
кажа Вучиќ.
Во текот на говорот, српскиот претседател им се заблагодари на поддржувачите кои дошле од сите краеви на Србија, но и од Црна Гора и Северна Македонија.
Српската напредна партија денеска организираше митинг под слоганот „Србија, едно семејство“. Улиците околу Собранието во Белград беа затворени за сообраќај од вчера наутро, а за време на митингот, на терен беа и сообраќајната и интервентната полиција.
Учесниците на митингот развиориле српско знаме во должина од 500 метри.
