Од Општина Тетово велат дека одлуката е донесена на иницијатива на граѓанки

Одлуката за градскиот базен во Тетово да има два посебни термини во кои ќе може да го користат само жени, е донесена на иницијатива на граѓанки, велат од Општината. Среда и сабота од 08:30 до 12:00 часот се термините определени само за жени.
„Изминатиот период до Општина Тетово беа доставени неколку барања, со кои се бараше да се овозможи градскиот базен да одреди термини во кои неговото користење би биле само од страна на жени и девојки. Барањата беа проследени до управата на градскиот базен, истите беа разгледани и прифатени“,
велат од Општина Тетово.
Освен тоа, за машките цената е 150 денари, додека за жените 100.
Дел од невладините организации предупредуваат за родова сегрегација. Случајот го следи и Комисијата за заштита од дискриминација, велат дека ќе бараат одговори која е легитимната цел што се штити со ваквата одлука, оти се работи за јавен објект финансиран од јавни пари и е наменет за сите граѓани.
Градскиот базен од 11 јуни до 31 август е отворен за сите посетители, додека во текот на учебната година го користат само ученици.
