Директорот на Инфективната клиника уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни, затоа што не постои ризик за ширење на болеста бидејќи таа не се пренесува од човек на човек, туку исклучиво преку убод од комарц

Случај на денга-треска е потврден кај 42-годишен маж од Бангладеш кој пристигнал во Македонија на работа и сега е сместен на Инфективната клиника.
Дирекорот на Инфективната клиника доктор Фадил Цана вели дека случајот бил лабараториски потврден и додава дека пациентот е стабилен.
„Станува збор за 42-годишник од Бангладеш, работник во една од градежните компании во нашата земја. Кај него симптомите почнале пред да дојде во земјава, со треска, температура. Кога дошол во земјава, пројавил симптоми и по консултација со лекар бил упатен на Клиниката“,
изјави Цана за МИА.
Директорот на Инфективната клиника уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни, затоа што не постои ризик за ширење на болеста бидејќи таа се пренесува исклучиво преку убод од заразен комарц.
„Македонија не е ендемска зона за тропски болести, но сите лица што патуваат од тие тропски или суптропски области, а потоа ќе почувствуваат некакви симптоми треба да се проверат“,
нагласува Цана.
Првите симптоми се треска, температура, болки по телото и општа малаксаност.
