Пендаровски денеска рече дека ја поддржува оваа идеја и посочи дека изминативе 20 години во земјава сме имале неколку контроверзни ситуации, дали од политички или од други причини, кога некој помилувал некого уште во рана фаза на постапка. Тоа, според него, не треба да биде така во демократски и правни држави
Со нов-предлог закон за помилување, претседателот на државата би имал можност да помилува некое лице само откако за него ќе има правосилна пресуда, посочи денеска актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања.
Оттука тој објасни дека не станува збор за некаков закон за амнестија туку за нов закон за помилување, кој се подготвува по иницијатива на Министерството за правда уште од претходната Владата кога министер беше Бојан Маричиќ.
„Сега претседателот има право на инцијатива на Министерство за правда да помилува човек во која било фаза од постапката, од апсењето и кога ја издржува казната. Идејата беше, сега со тие измени ако бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда да може да помилува само по правосилноста на пресудата“,
рече Пендаровски.
Претседателот рече дека ја поддржува оваа идеја и посочи дека изминативе 20 години во земјава сме имале неколку контроверзни ситуации, дали од политички или од други причини, кога некој помилувал некого уште во рана фаза на постапка. Тоа, според него, не треба да биде така во демократски и правни држави.
„Треба да се остави судскиот систем да истера постапка, да се соочат аргументите на обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот, кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна, дека има некаков простор за корекција на таа пресуда, тогаш е дозволено да ’влезе‘ во процесот, а не првиот, вториот или третиот ден да пресуди и да рече: ’Нема да има постапка понатаму‘, со што практично де факто се дерогира целокупниот правосуден систем“,
рече Пендаровски.
Во работните комисии за подготовка на овој закон учествувале и експерти од неговиот кабинет и новиот закон, според информациите што ги сподели Пендаровски, сега е во Владата и би требало да се испрати кон Собранието.