Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го напушти самитот на лидерите на ЕУ поради сомнеж на ковид-19.
Фон дер Лајен веднаш по почетокот на состанокот во Брисел добила информација дека еден член на нејзиниот кабинет бил позитивен на тестот на коронавирус и веднаш заминала во самоизолација.
„Мојот тест е негативен, но од претпазливост веднаш го напуштам Европскиот совет и заминувам во самоизолација“,
напиша Фон дер Лајен на својот твитер-налог.
Таа на почетокот на месецов веќе беше во самоизолација откако присуствуваше на состанок во Лисабон, на кој се наоѓало лице позитивно на ковид-19.
Во самоизолација изминатите неколку денови беше и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој денеска објави дека е негативен на тестот.
Тој се изолираше бидејќи член на неговиот тим е позитивен. Од истите причини во самоизолација е и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.