Од Основното јавно обвинителство велат дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител, но повеќе детали не откриваат

Утринава, како што дознава „360 степени“, се вршат претреси на повеќе локации во објекти на лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со случајот „Онкологија“.
Од Основното јавно обвинителство велат дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител, но повеќе детали не откриваат. Оттаму велат дека кога ќе имаат повеќе детали тие ќе бидат споделени.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
Потоа од Јавното обвинителство потврдија дека има акција на Клиниката и во неа се прибираат докази во рамки на предистражна постапка, а претреси беа направени во два приватни стана, при што беа одземени одземени компјутери и документација.
За случајот „Онкологија“ минатата година имаше неколку протести кои почнаа масовно, со голем број граѓани кои излегуваа, но со секој нареден протест нивниот број беше сè помал.
Собранието на крајот на септември формира Анкетна комисија која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот со Клиниката за онкологија и радиотерапија. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
Јавното обвинителство во септември минатата година, поднесе обвинение за проневера против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која крадела цитостатици.