Полициите на Црна Гора и на Северна Македонија работеле неколку месеци на сузбивање на оваа рута за шверц во која крајната дестинација биле земјите од Западна Европа. Запленетиот хероин во конкретниот случај, се наведува од црногорската полиција, требало да заврши во Италија
Црногорската и македонската полиција пресекоа меѓународен канал за шверц на дрога. Станува збор за акција во која се откриени 12 килограми хероин, а уапсени се две лица од Скопје, момче на возраст од 28 години и 23-годишна девојка, соопштија од Полициската управа на Црна Гора.
Момчето и девојката се наоѓале во автомобил со македонски регистрации со кој требало да се прошверцува дрогата. Возилото им било претресено на граничниот премин Кула.
„По деталниот преглед на возилото, во добро скриен и специјално изработен бункер, кој се наоѓал во задниот дел на автомобилот, се пронајдени 24 пакувања со вкупно количество од околу 12 килограми хероин“,
пишува во соопштението од Полициската управа на Црна Гора.
📢 Zaplijenjeno 1⃣2⃣ kilograma heroina❗️
— Uprava policije Crne Gore (@PolicijaCG) February 23, 2020
➡️ Na graničnom prelazu #Kula presiječen je kanal krijumčarenja droge, a dvije osobe su lišene slobode, što je rezultat zajedničke akcije @PolicijaCG i #policija Republike Sjeverne Makedonije.@VladaMK@VladaCG pic.twitter.com/RjqB0wauqx
Полициите на Црна Гора и на Северна Македонија на овој случај работеле повеќе месеци. Со полициската акција, наведуваат црногорските власти, е пресечен шверцерски канал, преку кој од правец на Северна Македонија, хероин од Косово, преку територијата на Црна Гора, се пренесувал кон земјите од Западна Европа. Се претпоставува дека во конкретниот случај дрогата била наменета за Италија.
Во соопштението пишува и дека согласно координираните активности, во Северна Македонија во тек се претреси на повеќе локации и се врши идентификување, лоцирање и процесуирање на останати учесници, кои, како што постои сомнеж, се вмешани во ораганизирано криумчарење хероин преку оваа рута.
Пред неколку дена, македонската полиција беше дел од меѓународна акција за откривање на шверц со кокаин од Колумбија. Во акцијата учествуваа и властите на Италија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Стануваше збор за пратка на повеќе од еден тон кокаин кој беше запленет на италијанско пристаниште, а потоа лажна пратка со систем за следење беше пуштена да се откријат крајните дестинации на дрогата. Во земјава акција се спроведе во селото Крушопек, Општина Сарај, каде во магацин за овошје поточно во кутии со банани беше откриен околу еден килограм кокаин.