Прашан дали стравува дека можеби некој од функционерите на СДСМ ќе се најде на американската „црна листа“, Ковачевски рече дека не би можел да шпекулира или да коментира за процес во кој Владата на ниту еден начин не е вклучена
Поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, во писмен допис до медиумите пред два дена даде поддршка за Анѓушев за, како што вели, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави
Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни и не би можел да давам дополнителни коментари. Ова е дел од одговорот на премиерот Димитар Ковачевски прашан во врска со писмениот допис до медиумите на неговиот претходник на премиерската и на претседателската функција во партијата, Зоран Заев, во кој тој изрази поддршка на бизнисменот и ексвицепремиер Кочо Анѓушев по неговото ставање на американската „црна листа“.

„Соединетите Американски Држави (САД) се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури коишто се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам, ниту пак имам информации и ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни и не би можел да давам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД, гледате дека имаше и брифинг од страна на нивната амбасадорка во Скопје“,
рече Ковачевски кој денеска присуствуваше на промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“.
Она што останува, додаде Ковачевски, е согласно процедурите во Северна Македонија, нашите институции, доколку сметаат дека има потреба да можат и да побараат информации од институциите на САД во однос на процесите коишто тие ги воделе.
Прашан дали стравува дека некој од функционерите на СДСМ можеби ќе се најде на американската „црна листа“, Ковачевски рече дека не би можел да шпекулира или да коментира за процес во кој Владата на ниту еден начин не е вклучена.
„Тоа е прашање кое ќе мора да го упатите до оние коишто водат такви процеси, а овде се работи за Соединетите Американски Држави. Меѓутоа Владата во ниту еден момент не е контактирана во однос на ова прашање“,
рече Ковачевски.

Американскиот Стејт департмент на 5 декември соопшти дека бизнисменот, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев е незначаен за генерално неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција, додека ја извршувал функцијата вицепремиер.
Неподобни за влез во САД, Стејт департментот ги означи и неговата сопруга и двете деца.
Анѓушев од своја страна преку допис до медиумите ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“,
наведе Анѓушев во соопштението истиот ден кога Стејт департемнтот ја соопшти одлуката.
Во врска со неговото ставање на листата на санкции американската амбасадорка Анџела Агелер пред два дена на брифинг со неколкумина новинари посочи дека ставањето на поранешниот вицепремиер на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. Таа не откри детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.
Со конкретните санкции на Анѓушев и неговото семејство им е забрането да патуваат во САД, но не и на неговите бизниси да продолжат да функционираат во Америка. Агелер вели дека засега таа не знае дали има и можност Анѓушев да биде опфатен со санкции од некоја друга американска институција, како на пример, од Министерството за финансии. Но, не пропушти да потсети дека имало случаи кога едно лице било санкционирано од две различни американски институции.
Истиот ден по брифингот на Агелер, со писмен допис во медиумите се огласи поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев во чиј прв мандат од 2017 до 2020 година Анѓушев ја извршуваше функцијата вицепремиер за економски прашања. Во него тој му изрази поддршка на Анѓушев за, како што вели, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави. Тој во дописот наведе и дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања во врска со која било тема, вклучително и основата за сомневањата кон Анѓушев.
„САД се стратешки пријател и партнер на Северна Македонија. Сметам дека јас лично, а и како поранешен претседател на Владата, сум исто така пријател на САД. Тоа сум го потврдил низ конкретни примери во текот на моето работење. Тоа јавно го имаат и потврдено највисоки претставници на САД. Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил премиер така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено-економска и политичка тема во земјава, вклучително и основата за сомневањата кон Анѓушев“,
стои во дописот на Заев што го објави „24инфо“.
Поранешниот премиер во дописот за Анѓушев вели дека е негов пријател и соработник кој исклучително го почитува.
„Јас го замолив во мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“,
вели Заев во писмениот допис.