Премиерот Оливер Спасовски денеска преку видеопорака на својот фејсбук-профил упати апел до сите граѓани да ги одложат патувањата надвор од државата.
„Секоја држава во регионот и во Европа има свои мерки за заштита и имаме проблем граѓаните да не можат да ги поминуваат границите или да остануваат некаде заглавени на граничните премини“,
истакнува Спасовски во пораката.
Ова, според Спасовски, дополнително создава проблем за институциите на државата.
Вчера и министерот за надворешни работи Никола Димитров апелираше да се одложат патувањата надвор од земјата, а оние што имаат регулиран престој во трети земји да останат таму и да не доаѓаат во земјава, и притоа да ги почитуваат тамошните препораки. За сите останати што се заглавени на аеродроми или граници, Димитров рече дека државата прави напори тие да се вратат дома.
Владата вчера донесе одлука за затворање на сите гранични премини и на аеродромот во Скопје.