Израел и Хамас се спогодија за примирје и после 11 дена војна ги сопреа меѓусебните напади. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, на Твитер најави дека деновиве ќе отиде во посета на Блискиот Исток.
„Наредните денови ќе го посетам регионот и нетрпелив сум да се сретнам со израелскиот министер за надворешни работи и другите израелски, палестински и регионални функционери“,
најави Блинкен.
Целта на состаноците ќе биде договор меѓу Израелците и Палестинците за подобра иднина на двата народа. Прекин на огнот почна денеска во 14 часот попладне, точно по 11 дена судири меѓу Израел и Палестина. За одлуката за примирјето посредуваше Египет.
Покрај САД, и Европската Унија го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа после единаесет дена интензивно насилство. За Европската Унија само политичко решение може да доведе до траен мир во регионот.
„Ужаснати сме и тажни за изгубените животи во последните 11 дена, како што ЕУ секогаш повторува, ситуацијата во Газа одамна е неодржлива. Само политичко решение ќе донесе одржлив мир и ќе стави крај еднаш засекогаш на палестинско-израелскиот конфликт. Враќањето на политичкиот хоризонт за решение со две држави сега е од најголема важност“,
се наведува во реакцијата на дипломатската служба на ЕУ по најавата дека двете страни постигнаа договор за прекин на огнот во и околу Газа.
Брисел им се заблагодари на земјите и организациите што придонесоа кон договорот за прекин на огнот: САД, ОН, Катар и Египет.