Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и радикалните палестински групи во појасот Газа и изрази надеж дека сите страни ќе го почитуваат.
„По 11 дена крвави борби, го поздравувам прекинот на огнот, најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Откако ќе се стабилизира примирјето, мора да продолжи мировниот процес на Блискиот Исток“,
истакна генералниот секретар на ОН.
Примирјето меѓу Израел и палестински Хамас во Појасот Газа стапи во сила рано утрово во 2 часот по локално време, а со тоа заврши единаесетдневниот вооружен судир во кој беа убиени повеќе од 240 лица.
Палестинците излегоа на улиците во Газа непосредно по почетокот на примирјето, додека Хамас предупреди дека „прстите им се сè уште на чкрапалото“. За прекинот на огнот се огласи и американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека тоа е одлична можност за напредок.
Борбите почнаа на 10 мај, по судирите на Палестинците со израелските безбедносни сили пред светата џамија Ал-Акса во источен Ерусалим, по што Хамас ги испука првите ракети кон Израел. Во меѓусебните бомбардирања загинаа 232 Палестинци и 12 луѓе во Израел, чија војска тврди дека убила повеќе од 150 милитанти.
Израелскиот безбедносен кабинет соопшти дека предлогот за прекин на огнот бил прифатен едногласно, а министерот за одбрана Бени Ганц изјави дека офанзивата во Газа донела досега невидени придобивки.
Хамас објави дека примирјето е победа за палестинскиот народ и пораз за израелскиот премиер Нетанјаху.