Израел и Хамас договориле прекин на огнот, откако конфликтот трае веќе 11 дена, пренесоа повеќето светски медиуми.
Информацијата ја потврдија и од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху велејќи дека одлуката е донесена после состанокот на тимот во Владата задолжен за безбедносни прашања. Меѓутоа, не прецизираа кога точно во наредните неколку часа ќе започне примирјето.
Извори од палестинската исламистичка организација Хамас исто така го потврдиле договореното примирје, пренесоа либанскиот весник „Ал Акбар“ и египетската државна телевизија телевизија.
Примирјето е договорено со посредство на Египет, а меѓу првите кои го потврдија тоа беше и египетски безбедносен избор во брифинг за германската агенција ДПА.
Според повеќето новински извештаи, прекинот на огнот треба да започне во 2 часот по полноќ по локално време (1 часот по полноќ по македонско време).
Одлуката следува откако САД почнаа да притискаат за да се стави крај на конфликтот. Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден го замолил израелскиот премиер веднаш да ги деескалира тензиите во конфликтот со Газа, со интенција да се оди кон прекин на огнот.
Од 10 мај кога започна конфликтот, палестинските здравствени служби пријавија 228 смртни случаи во израелските бомбардирања врз појасот Газа, додека израелските власти соопштија за 12 убиени лица во ракетните напад на Хамас.
Ова е најжестокиот конфликт во појасот Газа по оној од 2014, кој траеше 50 дена. Започна откако Хамас истрела ракети во правец кон Ерусалим по неколкунеделните судири помеѓу палестинските демонстранти и израелската полиција пред џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим и заканите од израелска страна дека ќе бидат иселени палестински семејства од арапски кварт во источниот дел од градот.