„НАТО работи против Русија, па Москва се противи на проширување на блокот кон Исток“, рече шефот на руската дипломатија и го повика Блинкен да го искористи своето влијание за да го „вразуми Киев“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска одржаа уште еден круг од преговорите во Женева во обид да се ублажат тензиите поради можна инвазија на Русија врз Украина, но не постигнаа напредок.
По состанокот, рускиот министер Лавров изјави дека се надева оти емоциите ќе се намалат по искрените разговори со САД кои беа отворени и корисни, иако немаше промени во преговорите.
Лавров додаде и дека Русија не исклучува дека целата хистерија што Западот ја крева околу Украина има за цел да ја прикрие политиката на Киев за саботирање на Минск-2.
„НАТО работи против Русија, па Москва се противи на проширување на блокот кон исток“,
кажа тој.
Шефот на руската дипломатија го повика Блинкен да го искористи своето влијание за да го „вразуми Киев“.
По доаѓањето на состанокот, државниот секретар Блинкен рече оти Соединетите Американски Држави не очекуваат дека во текот на средбата со Лавров ќе се решат сите несогласувања со Русија околу Украина, но како што кажа, се надеваат дека дијалогот и дипломатијата би можеле да бидат одржлива опција
„Ова е критичен момент. Во право сте, не очекуваме дека денеска ќе се решат нашите разлики, но се надевам и очекувам дека можеме да тестираме дали патот на дијалог и дипломатија може да остане отворен“,
рече американскиот државен секретар Блинкен.
До разговорот помеѓу Блинкен и Лавров дојде по неуспехот во надминувањето на поделеноста помеѓу Западот и Москва, по прашањето за безбедноста во Источна Европа.