Чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев почна со веста дека новинарите што ги следат случувањата кај црквата „Свети Спас“ во Скопје не смеат да влезат во нејзиниот двор, а дека снимателите и фоторепортерите не смеат да снимаат надвор туку само во кругот на црквата. Правилата ги диктираа владини претставници од протоколот што предизвика бурна реакција на новинарските екипи на лице место, а потоа и на новинарските здруженија. Владата подоцна се коригираше и овозможи пофлексибилни услови за работа на медиумските екипи.
Оваа владино-новинарска препирка беше семо една од последиците на строгите безбедносни мерки за одбележување на 4 февруари, воспоставен уште пред неколку дена – затворена улица за сообраќај, ограничено движење за пешаци, акредитации за новинарските екипи. За ова во синоќешната емисија „360 степени“ говореше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, во црквата „Свети Спас“ одржа панихида за Делчев и притоа зборуваше за неговото дело. Претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за внатрешни работи, одбрана и култура, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска-Стојчевска, собраниска делегација предводена од потпретседателот Горан Мисовски и делегации на државни институции, партии и граѓански здруженија, положија венци и цвеќе на гробот на револуционерот.
Откако тие си заминаа, цвеќе положи и делегација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ што ја предводеше лидерот Христијан Мицкоски.
„Тоа што не разочарува и создава едно посебно чувство на гнев е што после 68 месеци откако оваа влада е избрана со ветување за живот и дека ќе ги решат сите отворени проблеми посебно со соседите, можете да видите денеска во главниот град на нашата Македонија мерки за обезбедување од највисок прв степен, хеликоптери летаат или можам да заклучам дека не само што не ги решиле, туку и ги продлабочиле“,
рече тој.
По заминување на делегациите од земјава, цвеќе положи бугарската што ја водеше вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Тој имаше информации за запрени бугарски граѓани на граничниот премин Деве Баир иако не знаеше колку. Потврди дека има листа со бугарски државјани на кои нема да им биде дозволен влез, но, како што посочи, таа не е голема. Бугарската национална телевизија БНТ објави дека се работи за 14 лица.
За тоа време, МВР информираше дека компјутерскиот систем на граничниот премин Деве Баир е паднат и дека е отежнат влезот во Македонија. Официјално, ова била причината што и бугарските државјани кои сакале да влезат во земјава, мораа да чекаат. Тоа предизвика нервоза кај дел од нив и расправии со полицијата по што беа приведени тројца бугарски државјани.
Бугарскиот пратеник Ангел Георгиев од партијата Преродба на Фејсбук во живо го пренесуваше инцидентот во кој бугарски државјани на преминот се обидоа да ги нападнат македонските полицајци, по што беа задржани од полицијата.
Европратеникот Ангел Џамбаски и лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, воопшто и не се обидоа да влезат во С Македонија. Бугарскиот министер Демерџиев изјави дека лично ги замолил да доаѓаат во Скопје.
Доцна попладне со остро интонирана реакција излезе бугарското Министерство за надворешни работи наведувајќи дека македонските власти денеска се однесувале понижувачки и неприфатливо кон бугарскиот народ и кон Бугарија. Од бугарското МНР оценуваат дека денешните настани нанеле сериозна штета на процесот на враќање на довербата и соопштија дека за ова министерот Николај Милков веќе разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска.