Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека адвокатот Јовица Страшевски, кој е бранител во предметот ТНТ, вчера до судот доставил допис дека од 8 до 17 овој месец ќе биде на годишен одмор.
Ова од судот го оценуваат како обид за одолговлекување на главната расправа која е закажана за 13 јануари годинава.
„Поради интерес на медиумите за предметот во јавноста познат како ТНТ и постојаните опструкции на поединци странки во постапката, во целост го објавуваме последниот допис кој вчера кон крајот на работното време беше доставен до Судот. За последните случувања и обиди за одолговлекување на главната расправа закажана за 13 јануари 2020 година, Судот ќе ги извести Адвокатската комора и Судскиот совет на РСМ“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Страшевски е адвокат на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, во случајот ТНТ. Одбраната на обвинетите во ТНТ изминатиот период инсистираше дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска-Кочовска е завршен на 24 декември 2019 година и оти според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.
Сепак, постапката продолжи и беа одржани неколку рочишта и по 24 декември, а судечкиот совет укажуваше на фактот дека не е во негова надлежност да одлучува за престанок на мандат на судија поротник и оти тоа е прашање на Судскиот совет.
Основниот кривичен суд во Скопје вчера побара Адвокатската комора, МВР и обвинителството да реагираат на заканите и притисоците од одбраната во случајот ТНТ кон поротничката и Судот и да ја заштитат независноста и непристрасноста во судското работење, а паралелно нагласуваат дека во интерес на странките е да се заврши предметот, односно да има судење во разумен рок.
*Поврзани вести:
Бранителот на Трајковски ја повика судијката поротничка во ТНТ да не се појавува повеќе на рочишта
Ќе се разрешат судијките поротнички – пет случаи на СЈО се враќаат на почеток