„Од она што го гледав во проектите, јас не сум архитект, меѓутоа што ми покажуваа стручни лица за таа работа. Кога проектот е направен, една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево, после Кичево, а завршува во Албанија, толку високо е направена. Значи, имате и такви парадокси на тој автопат“, вели премиерот

Автопатот Кичево-Охрид, според договорот одобрен во Собрание, досега трипати требаше да биде готов. Затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број пропусти и во проектирањето и во други делови на активностите, рече денеска премиерот Ковачевски.
Ковачевски очекува дека сите договори ќе се почитуваат така како што се потпишани бидејќи, како што рече, овој автопат се прави со договор кој претставува закон.
„И да се прави анекс, тој мора да биде одобрен во Собранието бидејќи овој автопат се прави со договор кој претставува закон и секој анекс кој е правен и досега практично е одобрен од Собранието бидејќи само на тој начин може да се смени договор кој е закон“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на денешното отворање поликлиника во Сарај.
Во однос на трасата и проектот, Ковачевски вели дека тој е направен набрзина, на „Гугл мапс“ и тоа, како што рече, беше стилот на работењето во тоа време.
„Ќе ви кажам еден податок. Трасата е така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта, значи цели ридови беа паднати врз новоизграден автопат. Е сега треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат свлечиште кое веднаш паѓа врз автопатот. Од она што го гледав во проектите, јас не сум архитект, меѓутоа што ми покажуваа стручни лица за таа работа. Кога проектот е направен една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево, после Кичево, а завршува во Албанија толку високо е направена. Значи, имате и такви парадокси на тој автопат. Знаете, во почетокот тој е направен набрзина на некаков проект правен на ’Гугл мапс’ и тоа беше стилот на работењето во тоа време – 2015, 2016 година, меѓутоа еве сега тој е веќе 80 проценти готов, но тие свлечишта ќе мора да се регулираат“,
изјави Ковачевски.
Во однос на прашањето дали до крајот на изградбата автопатот ќе чини 600 милиони евра, тој рече дека тоа се прашања коишто можат да ги одговорат само од Министерството за транспорт и врски и ЈПДП, а во однос на тоа дали ќе треба да се дадат дополнителни средства ќе покажат анализите на експертите во државните институции, експертите за ФИДИК кои биле ангажирани и на пратениците во Собранието.
Владата, на седница одржана на 28 декември, ги овласти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот на изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид, кинеската компанија „Синохидро“, за склучување анекс на договор за продолжување на рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот, информираа од владината прес-служба.
Од Владата информираа дека изведбата на делницата ќе продолжи во континуитет да се реализира.
Одлуката била донесена по информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок кој е до 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на 18 декември изјави дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен, но не прецизираше кога. Тој тогаш најави дека очекува извештајот на надзорниот орган и на експертите за ФИДИК да биде доставен до ЈПДП и до Министерството и дека сите одлуки и идни чекори, надлежните ќе ги носат заедно со Владата.
„360 степени“ пред три месеци објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.