Во Северна Македонија пандемијата се користи како изговор да не се дадат информации од јавен карактер; во Србија здравствени работници добија забрана да зборуваат јавно, а новинарски истражувања открија и манипулација со бројките на заразени и починати – „360 степени“ и „Јужне вести“ анализираа колку во време на епидемијата на ковид-19 се рашири и „вирусот“ на неинформираност и нетранспарентност
Ковид-19 кризата во Северна Македонија и во Србија започна во речиси ист период. Здравствените власти во Скопје го регистрираа првиот случај на 26 февруари 2020 година, а оние во Белград на 6 март 2020. Но, развојот на настаните и искуствата упатуваат на тоа дека ковид-19 негативно влијаеше и на транспарентноста, покажува анализата на „360 степени“ од Скопје и „Јужне вести“ од Ниш.
Пандемијата како изговор
На самиот почеток на епидемијата здравствените власти и во двете земји направија напори навремено да ја информираат јавноста за бројот на заболени и починати, како и за состојбата во болниците и за епидемиолошката слика. Во Северна Македонија дневните статистики за состојбите со ковид-19 се објавуваат редовно и, за разлика од Србија, досега немаше индикации за манипулации со нив. Меѓутоа, според согледувањата на нашите соговорници, се чини дека „инфекција“ на нетранспарентност се рашири во други институции, и кај централната и кај локалната власт.
Според новинарите и дел од претставниците на НВО-секторот, нарушено е правото на пристап до информации од јавен карактер, а изговорот е дека „виновник“ е пандемијата. Потсетувајќи се на конкретни примери од личното искуството, новинарка од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Маја Јовановска, вели дека кризата со ковид-19 ја намалила транспарентност и го ограничила пристапот до информации.
„Институциите постојано ја користат пандемијата како изговор дека не можат навреме да ги достават информациите или дека воопшто нема да ги достават. Исто така, институциите многу често го злоупотребуваат и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Односно, го чекаат последниот ден да ги достават бараните информации, кои често се половични или барањето е одбиено. Па, почнува долга процедура преку други институции за да се добијат информации кои се битни за граѓаните, но институциите се обидуваат на секаков начин да не ѝ ги достават на увид на јавноста“,
вели Јовановска.
Дека пандемијата ја намали транспарентноста на институциите и го ограничи пристапот до информации од јавен карактер, беше заклучокот што произлезе и од неодамнешната дебата што ја организираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Билјана Бејкова од фондацијата „НВО инфоцентар“ нагласува дека токму во период на пандемија транспарентноста треба да биде поголема, но и нејзиното искуство го кажува спротивното. Таа се осврнува на општините и локалните власти кај кои го детектира истиот тренд – пандемијата да се користи како изговор.
„Генерално, сознанијата засновани претежно на работата и искуството со општините, се дека транспарентноста, отчетноста и вклучувањето на граѓаните одат во надолна линија. Некои локални власти дури и ја користат пандемија како изговор, покритие за намалената транспарентност и граѓанското учество во локалните политики. А треба да се случува токму спротивното, односно во време на кризна состојба транспарентноста, отчетноста и вклучувањето на граѓаните мора и треба дополнително да се зајакнуваат. Годинава, на пример, во општините речиси и да немаше форуми и јавни расправи за годишните програми, буџетите и трошењето на буџетските средства. Граѓаните и сите засегнати страни, единствено, беа повикани да достават свои мислења и предлози по писмен (и електронски) пат, што ни оддалеку не е доволно“,
зборува Бејкова.
Според неа, тоа се должи на неподготвеноста и отсуството на политичка волја кај локалните власти да се вложат сите напори за транспарентност, отвореност и отчетност.
Со новинарите и со дел од НВО-секторот не се согласуваат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Заклучокот го темелат на фактот дека во 2020 година до нив не стигнале повеќе поплаки споредено со минатото. Бројот на жалби останува ист – околу 750 годишно, а најчести причини за нив се тоа што институциите воопшто не одговараат на барањата за слободен пристап до информации.
„Од аспект на поднесени жалби во текот на 2020 година, не можеме да кажеме дека епидемијата со ковид-19 вирусот ја наруши транспарентноста на институциите и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Споредбата на бројот на пристигнати жалби, вкупно 745 до 25.12.2020 година и бројот на вкупно пристигнати жалби до крајот на 2019 година – 755, зборува за фактот дека нема некои значителни промени. И понатаму останува констатацијата дека повеќе од 80 отсто од поднесените жалби се поради ’молчење на управата‘, односно непостапување на имателите на информации по поднесени барања за слободен пристап во законски утврдените рокови“,
вели директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева.
Поради тоа, додава таа, Агенцијата, колку што има надлежност, ќе работи на намалување на бројот на вакви поплаки и едукација на институциите дека имаат обврска да бидат транспарентни и да одговараат на барањата.
Првата информација е дека ќе нема информација
Додека во Северна Македонија забелешките за транспарентноста се однесуваат за области кои не се поврзани со ковид, во Србија најострите критики за транспарентноста се насочени кон здравствениот систем. Во март, кога лекарите на Инфективната клиника во Ниш ги примија првите заразени со коронавирусот, освен забраната за посети, нишкиот Клинички центар забрани и информирање на јавноста. Првата информација што стигна до граѓаните беше дека нема да има информации, на лекарите и здравствените работници не им беше дозволено да зборуваат. Единствено што јавноста речиси секојдневно го добиваше е статистиката за бројот на новозаразени и починати, преку специјализираната интернет-страница covid19.rs.
Меѓутоа, ситуацијата во Србија и Ниш во време на ковид-19 ја одбележаа лажни бројки, констатира новинарот на „Њусмакс Адриа“, Жељко Вељковиќ, кој во периодот на вонредната состојба беше дописник на „Јужне вести“ од Белград. Тој секој ден во 15 часот присуствуваше на прес-конференциите на кои се објавуваа податоците, а за кои истражувањето на „Бирн“ покажа дека биле лажни.
„Пред самиот почеток на прес-конференцијата ним (на Кризниот штаб) некој им ги доставуваше податоците на хартија, како избор од електронска база. Тоа најчесто го правеше Младен Башиќ од кабинетот на премиерката Ана Брнабиќ. Мене тоа ми говори дека одлуката за сокривање на податоците била донесена на највисоко државно ниво и дека дел од лекарите во Кризниот штаб до одреден момент навистина не ги знаеле вистинските бројки. Тоа значи дека тие тогаш, а кој ни гарантира дека не е така ниту сега, одлуките за мерките ги носеле на основа на погрешни податоци. Така што одлуките не можеле да бидат соодветни, а можеби и денес не се“,
истакнува Вељковиќ.
Нетранспарентноста е терен за недоверба, дезинформации и лажни вести
Без разлика дали станува збор за отвореноста на институциите кон јавноста, граѓаните и новинарите, кога станува збор за ковид-кризата или за други прашања со институции надвор од здравствениот систем, нашите соговорници и во Скопје и во Ниш укажуваат дека нетранспарентноста создава терен да расте недовербата, да се шират дезинформации и да се пуштаат лажни вести.
Комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми Бојан Кордалов вели дека не може да се генерализира за тоа како влијаела пандемијата врз транспарентноста на институциите, но генерално состојбата со вирусот ја покажала важноста на комуникација на институциите со граѓаните. Тој става акцент и на секојдневните контакти на институциите со граѓаните при давањето услуги како важен фактор што влијае врз довербата, а понатаму и за спречувањето на дезинформации и лажни вести.
„Само ако имаме задоволни граѓани од јавните услуги можеме да говориме за висока доверба во институциите. А, високата доверба во институциите значи своевидна ’вакцина‘ против лажните вести, дезинформациите и теориите на заговор“
вели Кордалов.
Бејкова од „НВО инфоцентар“ констатира дека и непосредно пред почетокот на ковид-кризата во земјава (во почетокот на 2020) правеле истражување поврзано во општините во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“ и тогаш граѓаните дале релативно ниска оценка за транспарентноста на локалните власти, односно дека не се чувствуваат информирани како се трошат јавните пари – 70 отсто сметаат дека општинските буџети не се трошат за задоволување на нивните потреби и не се чувствуваат вклучени во планирањето на општинските пари.
„Намалувањето на транспарентноста, отчетноста и директното граѓанско учество (што и претходно не беше на високо ниво) дополнително ќе ги зголемува постојната недоверба и незадоволството на граѓаните спрема институциите“,
вели Бејкова.
И улогата на медиумите во целата оваа ситуација е исклучително важна, а токму тоа е еден од проблемите што ги детектираат соговорниците од Србија, кои посочуваат и на нивна контрола од страна на тамошната власт. Кога тоа ќе се собере, со манипулацијата на бројките и трендот на релативизирање на состојбата, тогаш дезинформациите добиваат на тежина.
„Ако имате како што сега имаме се поголем број настрадани и заразени, а истовремено создавате приказна за најуспешна држава во Европа која на најдобар начин се бори со ковид-19, тогаш очигледно нешто не е во ред. Не е чудно во таква ситуација општеството да се инфицира со дезинформации, шпекулации и неверодостојни информации. Во криза таквите шпекулации добиваат на тежина, тогаш немате многу добри информации, тогаш со јавниот простор владеат страв и неизвесност“,
вели професорот на отсекот за новинарство при Филозофскиот факултет во Ниш, Зоран Јевтовиќ.
Владата подзаборави на Алатката за отчетност
По критиките за намалена транспарентност, упативме и прашања до Владата во Скопје. Оттаму се повикаа на истражување на фондацијата „Метаморфозис“ со партнерите од регионот, објавено на средината на 2020 година, според кое македонската била оценета како најотворена во споредба со владите на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – со измерена отвореност од 52,09 проценти. Исто така, потенцираат и дека Владата досега донела одлуки со кои ја унапредила транспарентноста на институциите, но заостанување во отчетноста лоцира кај општини.
„Преку овие одлуки извршната власт во континуитет се заложува за споделувањето на информации и транспарентност и отвореност на институциите. Дотолку повеќе што една од одлуките се однесува и на унапредување на транспарентноста на локалните самоуправи, бидејќи наодите се дека локалната власт недоволно ја следи централната власт кога е во прашање отвореноста и транспарентноста – затоа, финансиските трансакции за програмите преку кои Владата исплаќа средства на општините, капиталните инвестиции, инвестициите со поддршка на Светска Банка, проектите од средствата од ТАВ, ќе бидат условени со видливо зголемена отчетност на општините“,
велат од Владата.
Кратка проверка на владината интернет-страница, сепак, покажа друга слика. Алатката за отчетност на трошоците на функционерите, која доброволно ја промовираа актуелните владини партнери во претходната влада (2017-2020), „доцни“ година и половина.
Последните достапни податоци за трошоците на функционерите се за мај 2019 година. Одговорот што го добивме е дека во најкус рок ќе ја ажурираат.
„Владата на Република Северна Македонија во најкус рок ќе објави извештаи за последните 12 месеци, за трошењата на премиерот, генералниот секретар на Владата, министрите, заменици-министри и државните секретари во рамки на министерствата. Во моментов се врши собирањето на податоците од трошењата на носителите на функции, кои по обработката ќе бидат прикачени на Алатката за отчетност, каде што преку дигитални визуелни инфографикони ќе бидат презентирани пред јавноста“,
одговорија од Владата.
АВТОРИ: Александар Самарџиски и Јована Адамовиќ