Завршувањето на клучните инфраструктурни проекти, како автопатишта, железница, енергетско и гасно поврзување, според него, ќе биде меѓу главните приоритети на Владата
Посочи и дека идниот економски развој ќе зависи од насочување кон нови инвестиции и регионални проекти, особено во контекст на дигитализација и вештачка интелигенција
Инфраструктурното поврзување претставува клучен фактор за економски раст на државата, рече премиерот Христијан Мицкоски на обраќањето на Самитот 2026, организиран од „Македонија 2025“ под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, оценувајќи дека тоа е најголемата компаративна предност на Северна Македонија.

Според него, државата мора да го изгради инфраструктурниот темел за развој.
„Ние треба да го изградиме темелот, го немаме и тоа е суштината. Кога ќе го поставите прашањето што е предноста на државата единствената компаративна предност што ние ја имаме со конкуренцијата во регионот и во Европа е тоа што сме место на поврзување на два важни европски коридори, тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8, односно како да се поврзат Северна со Јужна Европа, односно Централна Европа со Медитеранот преку Егејското Море, и Јадранското и Јонското со Црното Море, преку Коридорот 8. Сè друго, ако го мериме како компаративна предност, можете да го најдете кај која било конкуренција во регионот или во Европа. Ако ние тоа го направиме, тогаш можеме да развиваме сè. Тоа не сме го направиле“,
рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека завршувањето на клучните инфраструктурни проекти, како автопатишта, железница, енергетско и гасно поврзување, ќе биде меѓу главните приоритети на Владата.
Оцени дека првите два месеца од годинава во економијата почнаа добро, но оти потоа се случи конфликтот на Блискиот Исток, што влијае врз политиката и економијата.
„За разлика од останатите држави, влеговме во решавање на проблемот и прилично успешно се справуваме со состојбите и покрај тоа што имавме исклучително големи фискални откажувања, коишто на прв поглед може да се очекува да влијаат на Буџетот, но принципот економија на обем кој го применивме покажува дека до овој момент не само што не ги почувствувавме туку и ги надминаа нашите очекувања во услови на криза. Тоа значи зголемена потрошувачка на бензините и дизелот, што влијае позитивно на Буџетот и имаме најниски цени на горивата во регионот“,
кажа тој.
И покрај предизвиците, како што рече, државата бележи стабилни економски резултати, со шест последователни квартали на раст над 3,5 отсто.
Според него, номиналниот БДП годинава ќе достигне околу 22 милијарди долари, што претставува значителен раст во споредба со претходниот период.
„Треба да имаме големи цели, но и да се споредуваме со реалноста“,
вели премиерот.
Посочи и дека идниот економски развој ќе зависи од насочување кон нови инвестиции и регионални проекти, особено во контекст на дигитализација и вештачка интелигенција.

На самитот се обрати и извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевска, која порача дека Владата има голема одговорност за економскиот развој, но оти промените не зависат само од институциите.
Според неа, економскиот раст е заедничка задача на државата, компаниите, образованието, граѓаните и дијаспората.
„Растот е задача на институциите, на компаниите, на образованието, но и на семејствата, на политичарите, но и на граѓаните, на дијаспората, но и на секој еден што живее во Македонија и секој еден што во оваа сала денес“,
рече таа.
Посочи дека ако сакаме Македонија да оди напред, секој од нас мора да ја направи својата работа подобро.
„Институциите мора да бидат поефикасни, компаниите похрабри и поконкурентни, а работниците да имаат пристап до нови вештини и волја за усовршување“,
кажа Мојсоска-Блажевска.
Универзитетите, како што додаде, треба да создаваат знаење релевантно за иднината, додека граѓаните треба да бараат поголема отчетност, но и самите да ги почитуваат правилата што ги очекуваат од другите.
