При претрес на локацијата каде што престојувал С. М., полицијата пронашла пиштол марка „CZ“ и соодветна муниција, црна тактичка униформа, воен нож, мала количина марихуана и туѓа лична карта издадена од Република Србија

Во заедничка и координирана акција на македонското и српското Министерство за внатрешни работи, Криминалистичката полиција, Службата за сузбивање на криминалот, како и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во Скопје е уапсено лице со иницијали С. М. (42), за кое постојат сомнежи дека планирало извршување на тешки кривични дела.
Според информациите од српското МВР, уапсениот е член на организирана криминална група и илегално влегол во Македонија, а сомнежите се дека бил со цел да изврши тешки кривични дела во име на членови на криминалната група на која припаѓа, најверојатно кривично дело убиство.
При претрес на локацијата каде што престојувал С. М., полицијата пронашла пиштол марка „CZ“ и соодветна муниција, црна тактичка униформа, воен нож, мала количина марихуана и туѓа лична карта издадена од Република Србија.


Од македонското МВР потврдија дека акцијата се спровела вчера под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Покрај С. М., приведени се уште две лица.
„Извршени се претреси на неколку локации во Скопје, при што се пронајдени дрога, пари и мобилни телефони. Лишени се од слобода три лица, од кои двајца српски државјани и еден македонски државјанин“,
велат од македонското МВР.
Од МВР велат дека по документирањето на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
