Од утре (10 март) во земјава повторно се воведува полициски час кој ќе трае од 22 до 5 часот наутро, секој ден сè до 22 март.
Одлуката денеска ја донесе Владата по претходен предлог на Комисијата за заразни болести откако изминативе десетина дена беше забележан раст на бројот на нови случаи со ковид-19.
По седницата, владата соопшти и кои се правилата и исклучоците од полицискиот час:
- За патниците кои доаѓаат или заминуваат кон аеродром – како дозвола за движење ќе се признаваат авионските карти. Истото важи и за другите патници во меѓународниот сообраќај;
- За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат во полициски час – како дозвола ќе се прифаќа патниот налог;
- За транспортери кои транзитираат низ државата – обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата;
- За граѓани кои ќе имаат потреба од итна медицинска грижа – обврска да се најават на телефонскиот број 192 на МВР.
Ќе важат старите дозволи
За сите останати, важат истите правила како и при полицискиот час минатата година. За вработените кои се на работа во време на полициски час, од Владата соопштија дека ќе важат старите дозволи издадени од фирмите и од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА)
„Со заклучок на оваа седница на Владата, МИОА е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење. Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање“,
велат од Владата.
Од Владата додаваат дека доколку има потреба за дополнителни исклучоци, понатаму ќе утврдува Главниот координативен кризен штаб.
Задолжителен карантин за сите што доаѓаат од Африка
Покрај одлуката за полициски час, владата реши и во 14-дневен карантин да одат сите домашни и странски граѓани кои се враќаат од земјите од африканскиот континент.
Како што најави премиерот Зоран Заев, за странските државјани ќе се обезбеди објект за државен карантин.
За патниците од африканскиот континент кои само ќе транзитираат низ државата, задолжително ќе биде потпишување изјава за транзитирање.