Од објавените имиња, јасно е дека опозицијата, како од македонскиот така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија
Министерството за правда денеска ги објави членовите на работната група, предложени од партиите и институциите, која ќе ги подготвува уставните измени.
Членови на работната група предложени од партиите:
- Цветанка Иванова – СДСМ
- Арбер Адеми – ДУИ
- Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците
- Соња Мираковска – НСДП
- Нано Ружин – ЛДП
- Христа Најданов – ДОМ
- Темелко Ристески – Партија на пензионери
- Раметула Куќи – ДПА
- Еран Куртиш – Партија за движење на Турците
- Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците
Пристигнати предлози од институции:
- Александар Спасов – Кабинет на претседател на Република Северна Македонија
- Драган Тилев – Секретаријат за европски прашања
- Шпенд Садики – Министерство за надворешни работи
Експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе бидат познати до крајот на неделава, информираат од Министерството за правда.
„Ве информираме дека ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови“,
велат од Правда.
За Мицкоски уставните измени сега се беспредметни
Од објавените имиња, јасно е дека опозицијата, како од македонскиот така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред три дена потврди дека неговата партија нема да учествува во работната група за уставните измени оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многупати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени,
рече Мицкоски при неговата посета на селото Булачани во Општина Гази Баба.
Левица, исто така, претходно најави дека „одлучно и со индигнација ја одбива поканата за учество во т.н. работните групи за најавената повторна насилна промена на Уставот“.
„Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет“,
соопштија од партијата на Димитар Апасиев.
Албанската опозиција бара тргање на формулацијата „20 отсто“
Во албанскиот опозициски блок, Беса и Алтернатива не предложија свои претставници во работната група за уставните измени.
Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово Билал Касами изјави дека партијата нема проблем со внесувањето на Бугарите и другите народи во преамбулата на Уставот, но нагласи дека би го поддржала тоа доколку во Уставот формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ се замени со „албански јазик“.
Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, пред неколку дена изјави дека нема да бидат дел од работната група за уставни измени, а причината за ваквата одлука е тоа што за нив не може да постојат работни групи за изготвување или, пак, за подготовка на уставните измени се додека не се постигне консензус помеѓу политичките партии за поддршка на овие измени, кои се неопходни за продолжување на интеграцијата на земјата во Европската Унија.
Фракцијата на ДУИ предводена од „огнените“, пак, побара да биде дел од работната група. И тие како и Беса, посочија дека целосно ги поддржуваат измените, но покрај за Бугарите, бараат и замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.
„Имајќи предвид дека евроатлантските интеграции за нас претставуваат приоритет над приоритетите, сакаме да истакнеме дека цврсто ги поддржуваме уставните измени. Следствено, сакајќи во овој процес да имаме активна, а не само набљудувачка улога, иако официјално не сме поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на ДУИ да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“,
изјавија од фракцијата на ДУИ.