На дневен ред на денешната седница на Собранието како последна точка е Барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.
Автентичното толкување пред една недела помина на Законодавно-правната комисија која одлучи дека нема што да толкува затоа што таков член во законот не постои.
Пратеникот Костов во своето излагање пред собраниската комисија посочи дека причините зошто барале автентично толкување е да спречат некој што сторил криминал да избегне одговорност, како и иницијативата на Уставниот суд да одлучува дали е уставен членот 11-а од Законот за помилување.
Пратениците од владејачкиот СДСМ го покренаа автентичното толкување со намера да го спречат Уставниот суд во можноста да ги „воскресне“ помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повеќе од 50 лица опфатени во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Очекувањата им се дека законодавниот дом ќе заклучи дека ваквиот член воопшто и не постои.
Поради процедурата во Собранието, Уставен минаната недела, на предлог на судијата Осман Кадриу, го тргна од дневен ред гласањето за нацрт-решението за одлучување за помилувањата. Од вкупно девет уставни судии, „за“ предлогот на Кадриу гласаа осуммина.