Собранието на Република Северна Македонија распиша тендер за опремување на пленарната сала со нов електронски систем за говорење и гласање, како и опрема за симултан превод. Проценета вредност на набавката е 425.000 евра, а критериум за добивање на тендерот е најниска цена.
Од законодавниот дом велат дека тендерот е дел од стратешкиот план за јавни набавки, а бил предвиден уште минатата година.

„Системот за гласање откажува повеќе пати. Тој е од витално значење и набавката е планирана согласно Стратешкиот план на Собранието. Иако е редовно одржувана, опремата е застарена, па не можеме да дозволиме да откажува кога е во прашање гласањето на пратениците“, вели за „360 Степени“ генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова.
Во повикот за прибирање понуди се бара новиот систем да има 166 единици за пратениците и членовите на Владата, една единица за говорницата и четири резервни.
Секој пратеник ќе има своја единица, со читач на картица со која присутните се идентификуваат, докажуваат присуство и добиваат можност за говорење или гласање. Освен читач на картица, пред секој пратеник ќе има и екран на допир („тач-скрин“) од 5,5 инчи (околу 14 сантиметри). Во ХД-резолуција не помала од 1920X1080, пратениците на екраните пред себе ќе имаат приказ на дневниот ред и тековната точка, а ќе имаат опција и за следење видео-пренос.
„Тач-скринот“ пратениците ќе го користат за да одберат јазик за превод, за да ја регулираат јачината на тонот, за да го вклучат микрофонот и за да се пријават за говор, реплика, контрареплика и процедурално. Во историјата заминуваат и копчињата за гласање. Во иднина и изјаснувањето на пратениците ќе биде преку „тач-скринот“.
Доколку при гласање се случат технички проблеми, кои не можат веднаш да се решат, Собранието во описот на набавката потсетува дека собранискиот спикер има можност да побара гласање со кревање рака, а откако системот повторно ќе профункционира, треба да се предвиди регистрирање на гласањето и електронски.
И новите микрофони ќе треба да имаат команда за Талат Џафери или некој иден спикер од претседателското столче да може да ги вклучува и исклучува.
Од понудувачите се бараат и контролни единици за безжичен симултан превод, слушалки, кабли, конектори, резервни сунгерчиња итн. Понудувачот мора да обезбеди и обуки за собранискиот персонал за новиот електронски систем, овластен сервис и резервни делови. Тендерот е отворен до 22 јули.
Новиот систем ќе треба да обезбеди опција и за визуелно прикажување на пратеникот додека зборува. Но, за ставање во фунција на ваквата можност, Собранието ќе распише друг тендер.