Состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции, вели градоначалникот
Пожарот во „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот, рече денеска градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.
Според него, тоа го потврдуваат информациите од околните мерни станици кои во периодот од 13 април, ден пред настанувањето на пожарот, до денес, не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот. Од тие причини, Герасимовски тврди дека пожарот не треба да се поистоветува со состојбата кај „Охис“, која е хемиска индустрија.
„’Треска‘ е фабрика за дрвна индустрија и тука пред сè, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата ’Салонит‘ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што претходно кажав, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции“,
изјави Герасимовски.
Повикувајќи се на Законот за управување со отпад на приватен имот, градоначалникот вели дека Општината во координација со надлежните институции ќе им наложи на сопствениците во даден рок да го отстранат отпадот. Доколу не го направат тоа, ќе се испрати допис до „Комунална хигиена“ да го расчисти просторот, а сметката за тоа ќе биде на товар на сопствениците.
Изјавата на Герасомовски доаѓа по состанокот на Штабот за заштита и спасување на кој присуствувале и претставници од МВР, ЦУК, ДЗС и Државниот инспекторат за животна средина, додека од Противпожарната служба немало претставник иако биле поканети.
Заврши состанокот на „Штабот за заштита и спасување“ во Општина Центар, каде беа поканети и други надлежни институции, со цел да се слушнат стручните мислења во поширока дискусија за состојбите во фабриката „Треска“.
Исто така, градоначалникот информираше и дека увидот од страна на МВР е завршен, но во тек е предистражна постапка на јавното обвинителство, по што Општината ќе ги знае конечните чекори за постапување.