Како што инфомираше синоќа директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во гаснењето на овој пожар кој е најголем на територијата на државата оваа година, на помош ќе пристигнат и екипи од Неготино и скопската противпожарна бригада кои ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на селото Крушевица
Вкупно 37 пожари се регистрирани на територијата на државата во изминатото деноноќие, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во утринскиот пресек, кој се однесува на состојбите со огнените стихии заклучно со 7:30 часот.

Активни пожари, според информациите, има пет, еден е ставен под контрола, додека останатите 31 се изгаснати.
Протипожарните екипи и понатаму се борат со огнетата стихија кај селото Чаниште, на територијата на општина Прилеп, каде пожарот се движи во четири крака – кон селата Крушевица и Лопатица, еден кон Црна Река, а огнот зафатил и крак кон селото Орле во општина Новаци. Гори претежно ниска вегетација, а во справувањето со стихијата се ангажирани екипи од повеќе противпожарни единици, како и тимови на Дирекацијата за заштита и спасување (ДЗС).
Како што инфомираше синоќа директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во гаснењето на овој пожар кој е најголем на територијата на државата оваа година, на помош ќе пристигнат и екипи од Неготино и скопската противпожарна бригада кои ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на селото Крушевица. Тој додаде дека првпат ова лето превентивно ќе бидат ангажирани припадници на Армијата, чијашто задача ќе биде да му помогнат на локалното население доколку огнот се приближи до селото.
Покрај овој, активни се и пожарите на териториите на општините Студеничани, Македонски Брод, Кичево и Могила.
Кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Студеничани гори мешана шума, додека во Македонски Брод кај местото Видуш, и селата Драгов Дол и Локвица од оган е зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
На територијата на Кичево, кај селото Тајмиште во местото викано Дарда од пожар е зафатена високостебелста букова шума, а кај селото Мојно во општина Могила гори ниска вегетација.
Пожарот кој пред неколку дена избувна на депонијата во Делчево, според Центарот за управување со кризи, е ставен под контрола.
Во изминатите 24 часа изгаснати се повеќе пожари на територијата на општина Сарај, како и на локации во Битола, Струмица, Велес, Охрид, Дебарца, Гевгелија, Кичево, Јагуновце, Тетово, Теарце, Гостивар, Куманово, Липково, Желино, Кочани, Струга, Зелениково, општина Арачиново и Крушево.
На повеќето места во овие општини горела, ниска вегетација, ѓубришта, напуштени ниви, мешана шума, грмушки и стрништа.
