Грција е во состојба на висока готовност за пожари до четврток, а се прогнозираат температури до 40 степени, што ја зголемува загриженоста од повторно разгорување
Пожарникарите денеска ги гаснат остатоците од шумскиот пожар во близина на Атина во кои загина една жена, изгореа објекти и шуми и принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови, објави грчкиот весник Катимерини.
Повеќето фронтови што ги отвори огнот се затворени три дена откако почна пеколот, но надлежните повикуваат на претпазливост.
„Пожарот сè уште трае. Сè уште не е ставен целосно под контрола“,
изјави претставник на противпожарната бригада.
Државните инспектори почнаа да ги проценуваат штетите додека жителите погодени од пожарот се вратија на своите изгорени имоти надевајќи се дека ќе најдат некои работи меѓу урнатините.
Стотици пожарникари, потпомогнати од 12 авиони, го гаснеа пожарот што избувна во неделата, додека огнените јазици од шумата во близина на градот Варнавас, 35 километри од главниот град, навлегува во северните предградија на Атина.
Грчката национална опсерваторија соопшти дека пожарот оштетил површина од околу 10 000 хектари. Причината за пожарот сè уште не е утврдена.
Земјата е во состојба на висока готовност за пожари до четврток, а се прогнозираат температури до 40 степени, што ја зголемува загриженоста за повторно разгорување.
Шумските пожари се вообичаена карактеристика за грчките лета со години наназад, а климатските промени донесоа потопло време и помалку дожд, што го зголемува ризикот.
Земјата, која неодамна ги заостри казните за подметнување пожар, се справи со над 3 500 пожари од мај, што е зголемување за речиси 50 отсто од истиот период во 2023 година кога забележа 2 300 пожари, информира владиниот портпарол, Павлос Маринакис.
Премиерот Киријакос Мицотакис вчера изјави дека државата се обидува да се подобри на планот на противпожарната заштита, но и дека околностите стануваат се потешки.
Пожарот во неделата брзо се проби низ неколку фронта стигнувајќи за неколку часа до поморската област Неа Макри, историскиот град Маратон и предградијата на падините на планината Пентели, која се смета за едно од последните зелени бели дробови на Атина.
Една жена беше пронајдена мртва во понеделникот во изгорен објект во предградието Врилисија, на околу десет километри од центарот на Атина.
Владата најави компензација и мерки за помош за погодените од катастрофата.
Некои експерти рекоа дека пожарот успеал да се прошири толку брзо поради феноменот наречен „спотинг“, при што виорот на ветрот пренесува запалена материја на долги растојанија. Тоа довело до постојано создавање нови фронтови кои подоцна се споија.