Пожарот, кој се карактеризира како најголем што годинава избувнал во Грција, денеска напредуваше до селото Граматико во приморската Општина Неа Макри, како и до густо населените северни предградија на Атина на планината Пентели која е карактеристична по густата шума
Шуми, куќи и автомобили се зафатени од шумскиот пожар што брзо се прошири до предградијата на Атина, главниот град на Грција, во регионот Атика. Таму дуваат силни ветрови кои одат во прилог на ширењето на огнот. Алармантната состојба принуди на евакуација неколку болници и десетина градови и села, соопштија грчките власти.
Повеќе од 670 пожарникари поддржани од доброволци, 183 противпожарни возила, 32 авиони и хеликоптери се борат со овој шумски пожар што избувна вчера околу 15 часот во близина на Варнавас, 35 километри северно од главниот град. Противпожарните авиони продолжија со работа денеска наутро по паузата во текот на ноќта.
Пожарот, кој се карактеризира како најголем што годинава избувнал во Грција, денеска напредуваше до селото Граматико во приморската Општина Неа Макри, како и до густо населените северни предградија на Атина на планината Пентели која е карактеристична по густата шума.
„Боли, пораснавме во оваа шума. Чувствуваме голема тага и гнев“,
изјави за Ројтерс 24-годишната жителка на Пентели, Марина Калогераку пред нејзиниот дом до кој пламените јазици речиси стигнале.
Μάχη με τις φλόγες στη Νέα Πεντέλη pic.twitter.com/bhPS7fR8Lt
— Kathimerini_Web (@KathimeriniWeb) August 12, 2024
Силните ветрови постојано го менуваат правецот на пожарот, а обемот на областа зафатена од пламените јазици се проценува на околу 30 километри.
„Се очекува ветровите дополнително да зајакнат во наредните часови што ќе го засили пожарот. Ни претстои многу тежок ден“,
изјави за државната телевизија ЕРТ, Теодор Џанарос, истражувач во Националната опсерваторија во Атина.
Полицијата соопшти дека помогнала да се евакуираат најмалку 250 лица кои биле во опасност. Некои жители ја поминаа ноќта во засолништа, но властите сè уште не можат да дадат точна бројка. Најмалку три болници и неколку гратчиња и села се евакуирани во областа Пентели.
„Пожарот, со пламени високи до 25 метри се проширил како молња поради силните ветрови“,
изјави портпаролот на противпожарната бригада, Василис Ватракогијанис.
Густи облаци чад уште вчера го затемнија небото над Атина. Неколку часа подоцна пламенот се приближил до станбеното предградие Дионисос на околу 23 километри североисточно од центарот на градот.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска го посети оперативниот центар на противпожарната бригада откако го прекина одморот на островот Крит.
По најтоплата зима досега и долгите периоди со малку или без врнежи, се предвидува дека Грција ќе го забележи најжешкото лето досега. Состојба на тревога за пожари ќе продолжи барем до четврток до кога се најавуваат температури до 40 степени.