„360 степени“ имаше увид во неколку согласности кои ги издава Министерството за внатрешни работи во однос на заштитата на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, кога некој правен субјект ќе побара дозвола за кабаре, ноќен клуб или дискотека. Во нив јасно е наведено дека Согласноста важи една година, но и дека ако правниот субјект не постапува согласно Законот за угостителство, таа може да биде повлечена. Тоа значи дека ОВР Кочани требало да знае дека „Пулс“ нема важечка Согласност, а со тоа и дека нема важечка лиценца
Општината, пак, според закон, води евиденција за сите угостителски објекти кои започнуваат со работа на нивното подрачје. Дополнително, дел од парите кои се плаќаат за лиценца за кабаре, која мора да се вади еднаш годишно, завршуваат на сметка на општината. Во пракса, тоа значи дека и Општина Кочани требало да знае дека „Пулс“ нема легална лиценца
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, вчера поднесе оставка од функцијата по пожарот во кабарето „Пулс“ во кој животот го загубија 59, пред се, млади лица. Директниот повод за оганот, според сегашната теза на надлежните, е употребата на пиротехнички средства без соодветна дозвола, во објект кој бил изграден со лесно запаливи материјали и кој не поседувал валидна лиценца за дејноста една година.
Дел од надлежните, пред се, поранешни функционери, за издавање на лиценците и други документи во врска со работењето на угоситетелски објекти од овој тип веќе добија 48-ласовен притвор. Основи за сомнение има и за организаторите на настанот и клубот. Градоначалникот даде исказ пред обвинител, но засега не е осомничен. Ниту, пак, колку што е информирана јавноста, се осомничени други лица од актуелните локални власти.

Од тоа, само индиректно, може да се заклучи дека засега предистрагата не гледа вина во нивното постапување. Но, дали има одговорност и со непостапување?
Што требало да знаат ОВР Кочани и СВР Штип
За еден ноќен клуб да работи како кабаре, мора да обезбеди лиценца од Министерството за економија. Процедурата има голема дупка, бидејќи кога е во прашање исполнувањето на техничките услови Законот за угосителство е така скроен што се почива на изјавата на угоситителот дека неговиот објект е по сите стандарди.
Повеќе на таа тема прочитајте ОВДЕ.
Но, за да се даде лиценца, потребна е согласност од МВР дека објектот ги исполнува условите за јавен ред и мир и безбедност во сообраќајот. Бидејќи лиценцата за кабаре важи една година, најмногу толку важи и согласноста на МВР. Но, може да трае и пократко.
„360 степени“ имаше увид во неколку такви согласности од МВР. Во фотографијата подолу прикажуваме еден таков примерок, се разбира, анонимизиран. Напоменуваме, не се однесува на „Пулс“ во Кочани. Важно е да се потенцира дека во него стои дека Согласноста може да се повлече и пред истекот на едната година, ако кабарето не се придржува до условите за јавен ред и мир и сообраќај.

„Доколку по добивањето на лиценцата од страна на каберето… не се постапува согласно со член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност СВР Штип ќе го повлече даденото Позитивно мислење и ќе го извести Министерството за економија да поведе постапка за одземање на лиценцата“,
стои во една Согласнсот издадена токму од СВР Штип.
Ова значи дека ако кабарето „Пулс“ немало валидна лиценца, како што тврди истрагата и властите, тогаш ниту МВР немало издадено Согласност за јавен ред и мир и сообраќај. А ако МВР не издало и не му било побаран таков документ, тогаш полицијата знаела дека „Пулс“ нема лиценца и не смее да работи како кабаре.

Тоа би требало да го знаат и во ОВР Кочани, но и во СВР Штип под чија јурисдикција е Кочани и кој ги издава ваквите Согласности за Кочани. Можеби токму поради оваа причина пред малку МВР објави дека се разрешени:
- Началник на Сектор за внатрешни работи Штип;
- Помошник началник на СВР Штип;
- Началник на Одделение за полиција Штип;
- Началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип;
- Началник на Одделение за внатрешни работи Кочани;
- Командир на Полициска станица од општа надлежност Кочани и
- Началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани
Што требало да знае градоначалникот
Последните локални избори во земјава се одржаа во 2021 година. И во Штип и во Кочани градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и мнозинството во Советите. Зошто е тоа важно?
Според Законот за полиција, командирот во полициската станица на подрачјето на една општина го бира Советот, со мнозинство гласови. Се бира меѓу тројца кандидати кои ги предлага Министерството за внатрешни работи. Тоа значи дека командирот на Полициската станица од општа надлежност Кочани, кој сега е разрешен, е кадар кој стапил на функција со поддршка на мнозинството советници. Тој е во редовна комуникација со Советот и поднесува извештаи пред него.

Дополнително, општината, службите и градоначалникот би требало да знаат кои угосителски објекти на нивната територија имаат дозовола за работа, особено објектите од типот на кабареа, како „Пулс“.
Веќе напишавме, според Законот за угостителска дејност, лиценца за кабаре се вади со важност од 12 месеци. При вадењето на лиценцата се уплаќаат меѓу 2 500 и 5 000 евра, сума која ја одредува општината. Дел од парите од лиценцата легнуваат на сметката на општината. Ако општината нема примено пари на име лиценца за кабаре, таа во теорија, треба да знае дека на нејзината територија не треба да има кабаре или барем дека кабарето „Пулс“ не требало да работи.
Дополнително, согласно членовите 7 и 8 од Законот за угостителска дејност, угосителот е должен пред да започне со работа да ги извести и Државниот пазарен инспекторат и општината. Во случајот на Скопје, Градот Скопје А, градоначалникот на општината води евиденција.

Сите овие одредби значат дека службите во Општина Кочани и градоначалникот би требало да знаат кои објекти имаат дозвола за кабаре или ноќен клуб, особено што станува збор за мал град каде низ годините лиценца имаат барано и добивано само два различни објекти.
Но, во исто време, на ниту едно место во Законот на угостителство не пишува дека општината има надлежност или обврска да врши надзор над субјектите во евиденцијата, односно нема стриктни одредби кои наложуваат некаков начин на постапување дури и да се дојде до сознание дека некој работи незаконски.
Може само хипотетички да се постави прашањето – ако и општината и полицијата можеле и требало да знаат дека „Пулс“ нема лиценца, зошто никој не пријавил во институцијата која може да ја направи таа контрола – Државниот пазарен инспекторат. Ова прашање е еднакво легитимно и за сегашните и за поранешните локални власти и локална полиција, бидејќи според сведочењата на кочанчани дискотеката работела подолго време.
Мицкоски: Да сум семоќен
Зошто и градоначалникот не е меѓу оние за кои се бара притвор? Како е можно и централната власт да не знае кој работи со, а кој без лиценца во државава? Тоа беа дел од прашањата кои денеска ги доби премиерот Христијан Мицкоски.
Во еден од одговорите, тој инидиректно призна дека станува збор за област која требала да биде средена.
„Дали требаш и со ова да се справиме? И на ова ќе му дојдеше редот, но за жал тие се капацитетите на Владата“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во остатокот на прес-конференцијата премиерот објаснуваше дека пропустите се многу длабоки и постојат многу одамна. Објасни дека главниот дефект е што пријавата за исполнување на минималните технички услови си ја пополнува самиот барател на лиценца, која потоа никој не ја проверува.
„До 2007-ма година Пазарниот инспекторат е тој, како институција, којашто утврдува дали се исполнети минимум-техничките услови. Со измените, правното лице доставува со изјава под полна материјална и кривична одговорност дека се исполнети минималните-технички услови“,
изјави Мицкоски.
Најави законски измени и ригорозни контроли над угосителски објекти во дејноста.
„Жалам што досега сето ова се толерирала и жалам што луѓето во министерството за економија дури и кога ги добивале документите под полна и материјална кривична одговорност, таков е законот, ex-officio не ги проверувале. Жалам што за 15 минути, за одредена сума надомест се давани овие лиценци, но тоа е она што денеска можеме да кажеме. Кога би бил семоќен и би можел да го вратам времето неколку години наназад би било се поинаку. Но, за жал не сум.“