Синоќешниот пожар во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола е предизвикан од краток спој во електричната инсталација, при што се запалило буре со 50 литри етил алкохол, соопшти директорот Драги Милошевски.
„Течноста се запали по краток спој на електричната инсталација, по што дошло до експлозија и пожар околу 22 часот. Нема повредени, а предизвикана е незначителна материјална штета“, изјави денеска Милошевски.
Ова го потврдуваат и од противпожарната служба во Битола, каде што во 22 часот добиле дојава за пожар.
„Експлозија на хемикалија предизвика пожар во магацинот, но по брза интервенција на вработените во печатницата и 2 екипи пожарникари огнот брзо е изгаснат. Интервенцијата траеше неполни триесетина минути. Од експлозијата освен опожарениот магацин имало и искршени прозорци на соседните простории“, изјави командирот на ТППЕ-Битола, Костадин Поповски.
Милошевски вели дека се работи за минимална штета – опожарена отпадна хартија и нема други штети врз ресурсите во фабриката.
Пожарот во битолската печатница предизвика внимание во јавноста поради тоа што во изминатите години токму тука се печати изборниот материјал.