Во случајот „Тендери“, поради претходно изведени две спротивставени вештачења, судот на 6 април минатата година предметот го испрати во Бирото за судски вештачења со наредба да изготви супервештачење од областа на градежништвото и урбанизмот. Но, оттогаш и по поминати околу 270 дена, предметот со списите и супервештачењето сè уште не се доставени до судот поради што оттаму денеска соопштија дека му дале рок на Бирото за судски вештачења најдоцна до 31 јануари да ги достави материјалите или во спротивност ќе биде казнето со парична казна, а за одолговлекување на постапката судот ќе ги извести Министерството за правда и Судскиот совет
Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека главната расправа за случајот „Тендери“, каде што е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која беше закажана за утре, е одложена за 16 февруари бидејќи сè уште се чека на супервештачењето од Бирото за судски вештачења, каде што се наоѓа предметот со сите списи.

Идентично како и со судскиот процес за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, и во случајот „Тендери“, поради претходно изведени две спротивставени вештачења, судот на 6 април минатата година предметот го испрати во Бирото за судски вештачења со наредба да изготви супервештачење од областа на градежништвото и урбанизмот.
Но, оттогаш и по поминати околу 270 дена предметот со списите и супервештачењето сè уште не се доставени до судот поради што оттаму денеска соопштија дека му дале рок на Бирото за судски вештачења најдоцна до 31 јануари да ги достави материјалите или во спротивности ќе биде казнето со парична казна, а за одолговлекување на постапката судот ќе ги извести Министерството за правда и Судскиот совет.
„Со оглед да предметот сè уште не е вратен во судот и досега се отповикани седум насрочени расправи, а воедно судот на два наврати се има обратено до Бирото со барање за прецизирање на рок – кога наодот ќе биде изготвен, за што немаме добиено одговор, Кривичниот суд денеска по трет пат се обрати до Бирото за судски вештачење со известување дека доколку до 31.01.2023 година предметот со сите списи и изготвениот вешт наод и мислење не биде вратен во судот, или не биде доставен образложен извештај зошто наодот сè уште не е изготвен и кога истиот ќе биде завршен, судот ќе ја искористи Законската можност за парична казна на надлежната институција согласно член 237 став 3 од Законот за кривична постапка (ЗКП). За одолговлекувањето на постапката како и за сите дописи доставени до Бирото, судот ќе го извести Министерството за правда на РСМ и Судски совет на РСМ“,
стои во соопштението на судот.

Бирото за судски вештачења, но и целокупната јавност, се додава во соопштението, мора да ја имаат предвид комплексноста на предметот, интересот на медиумите и невладините организации за случајот, уставно загарантираните права и обврски на странките во постапката и пред се начелото за судење во разумен рок кој судот е должен да го почитува.
„Па, заради тоа, не може да се дозволат дополнителни неосновани одолговлекувања на постапката“,
потенцираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Во случајот „Тендери“ ексминистерката Канческа-Милевска и уште две други лица се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. Другите две обвинети, една претседателка, а една член на Комисијата за јавни набавки, според обвинението, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за фирмата корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.

Овој судски процес трае речиси пет години. Воведните зборови на странките беа дадени на 13 март 2018 година. Покрај чекањето на супервештачењето, судењето за „Тендери“ најмалку петпати се враќаше на почетокот поради тоа што имаше промена на судија-поротник во судечкиот совет, како и поради тоа што поминуваа 90 дена од последното одржано рочиште.
Слична е ситуацијата и со супервештачењето за автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, на кое од Бирото за судски вештачења се чекаше повеќе од една година. Тоа конечно стигна во скопскиот кривичен суд пред Нова година, односно на 27 декември, непосредно пред почетокот на главната расправа.
Чекањето на супервештачењето беше причина судскиот процес да тапка во место и покрај неколкуте ургениции и дадени рокови од судот до Бирото за негово што поскоро изготвување.
Судењето за овој предмет ќе продолжи на 24 јануари 2023 година, кога и формално треба да почне од почеток бидејќи се поминати повеќе од 60 дена од претходното рочиште.