Шефот на Агенцијата за статистика на Косово, Илир Бериша, предложил процесот на попис да започне од следната година и согласно меѓународните препораки за временските услови
Пописот на населението во Косово нема да започне на 1 ноември, како што најави косовската влада пред повеќе од два месеци, соопшти косовската агенција за статистика.
Ова го потврдил и шефот на Агенцијата за статистика на Косово, Илир Бериша, кој нагласи и дека доцнењето на постапките за набавка на таблети, најмување попишувачи и надзорници и можноста за бојкот на пописот од страна на српската заедница во северниот дел на земја, се дел од предизвиците поради кои Агенцијата за статистика на Косово не може да го започне планираниот попис на 1 ноември.

Бериша во интервју за новинската агенција Косовапрес вели дека ја чекаат одлуката од владата за дадениот предлог за одложување.
„На почетокот на октомври испративме официјално барање до премиерот за повторна ревизија на датумот бидејќи доцниме со активностите поврзани со недостигот на таблети и неангажирањето на 3 500 попишувачи и околу 900 надзорници. Неопходно е да се одложи пописот на населението“,
нагласи Бериша.
Тој вели дека предложиле процесот на попис да започне од следната година и согласно меѓународните препораки за временските услови.
„Дадовме предлог во нашето барање, додека одлуката останува на владата кога ќе го одреди датумот. Нашиот предлог е за следната година бидејќи декември е зимски месец, тешки услови и меѓународните препораки се дека не се препорачува попис во зимските месеци, не се препорачува ниту во август поради високите температури. Затоа мора да ги избегнуваме и да бидеме во согласност со меѓународните препораки… Значи, на 1 ноември не започнува“,
рече Бериша.
Друг предизвик, според косовската Агенција за статистика, е можноста за бојкот на пописот од страна на српската заедница по неодамнешните случувања во северно Косово, односно по нападот на вооружена група на косовската полиција на 24 септември.
„Има уште еден предизвик, а тоа е можноста за бојкот на пописот од страна на српската заедница, што не би го сакале бидејќи според меѓународните препораки, потребно е учеството да биде речиси 100 отсто од населението на дадената територија и бојкот од српската заедница би значел дека резултатите не би биле валидни. За да не соочиме со тоа, побаравме дополнителен рок… Другото прашање е ситуацијата што се случи во септември, што уште повеќе ја искомплицира работата околу пописот“,
рече Бериша.
Последниот попис на населението во Косово е направен во 2011 година, според кој вкупното населени се проценува на околу 1,8 милиони жители.
Меѓутоа, бидејќи овој попис не ги опфати жителите на општините со мнозинско српско население на северот на Косово – Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, кои во тоа време одбија да учествуваат во овој процес.
Попис на Косово беше закажан за 2021 година, но беше одложен поради пандемијата на ковид-19.