Најмалку 43 полицајци и 17 цивили се проведени во синоќешните нереди што се случија во Белград поради најавата за воведување полициски час. Како што јавуваат медиумите, тие се наоѓаат во болница.
Досега се уапсени 23 лица, а како организатори на упадот во српското собрание се посочени Дамјан Кнежевиќ и поранешниот пратеник Срѓан Ного.
Она што остана на улиците на Белград се запалени контејнери, скршени сообраќајни знаци, уништени жардиниери, запалени полициски автомобили и искршени излози.
Пред зградата на собранието на Србија се наоѓа кордон полицајци, а полицијата е распоредена и пред други важни институции во Белград и на поголемите крстосници.
Синоќешните нереди започнаа со собир на десетина граѓани кои го блокираа сообраќајот на крстосницата на плоштадот „Никола Пашиќ“ и Таковска улица, кои извикуваа пароли против претседателот Александар Вучиќ поради најавата за воведување полициски час во Белград.
Во еден момент групата демонстранти тргна кон зградата на собранието, а една група успеа да влезе во зградата, но набрзо потоа беше исфрлена од полицијата.
Надвор демонстрантите фрлаа со јајца и лименки кон полицијата која во меѓувреме пристигна во поголем број. Во меѓувреме друга група демонстранти повторно се обиде да влезе во собранието, при што беа фрлени факли, а полицијата возврати со солзавец.
При обидот на полицијата да ги отстрани демонстрантите од местото околу собранието, дојде до судир и пред зградата на РТС.
Како што објавија денеска медиумите, помали собири имало и во Нови Сад и во Крагуевац.
*Поврзани вести:
Вучиќ најави враќање на полицискиот час во Србија
(ФОТО+ВИДЕО) Протест во Белград против враќањето на полицискиот час
(ВИДЕО) Тензично во Србија: Полицијата фрла солзавци за да спречи упад во Собранието