Доколку има какви било технички грешки кај производите, тие ќе се коригираат, а и веќе се коригирани целосно. Направено е и повеќе од тоа по предлог на медиумите и на граѓаните. Листата се прошири и повеќето од производите остануваат со пет отсто ДДВ, вели министерот
Производите кои се наведени во одлуката за „гарантирана цена“ нема да бидат опфатени со предвиденото зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ). Доколку има какви било технички грешки, тие ќе бидат коригирани, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши повторувајќи дека листата на производи со зголемен ДДВ е предлог на Министерството за финансии и на неа, како што рече, со месеци работеле стручни лица.
Сепак, рече Бектеши, повеќето производи остануваат со пет отсто ДДВ.
„Доколку има какви било технички грешки, ќе се корегираат, а и веќе се корегирани целосно. Направено е и повеќе од тоа по предлог на медиумите и на граѓаните. Листата се прошири и повеќето од производите остануваат со пет отсто ДДВ. За останатите производи, како е утврдено да одат од пет до 10 отсто и кои се критериумите, би ве замолил да се обратите до Министерството за финансии. За нас, како Министерство за економија, е важно основните прехранбени производи, тие кои се на листата за замрзнати цени и со ознаката ’гарантирана цена’ да останат на пет отсто ДДВ и тоа ќе биде така“,
нагласи Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по работниот состанок во Стопанската комора.
На прашањето дали одлуката е објавена во „Службен весник“, министерот рече дека сè уште не проверил, но секако, како што рече, таа е донесена во Владата, за што имаше соопштение од Финансии, од Економија и од Владата.
„Најверојатно денеска или најдоцна утре би требало да се објави согласно можностите на службениците“,
нагласи министерот.
Во вторникот, Владата на седница донесе Одлука за прецизирање на прехранбените производи кои имаат најниска стапка на ДДВ, која беше усвоена на 28 септември. Согласно Одлуката, со повластената стапка од пет отсто се даночат најголем дел од основните прехранбени производи меѓу кои се урдата, замрзнатото тесто, бебешките каши и адаптираното млеко за доенчиња, одредени видови кашкавали, лутеница, хербални чаеви, бибер, црвен пипер, вафли и наполитанки, конзервирано цвекло, феферони.