Има одреден број производи кои исто се на повластена стапка од 10 проценти бидејќи да не заборавиме дека основната стапка на ДДВ е 18 проценти. Листата на производи што се сметаат за луксузни е листа на производи што се сметаат за неосновни, во најголем дел во домаќинствата. Некои од нив, кои не се толку здрави за населението, како што се чипсот и други, за кои секој лекар ќе ви каже дека не е добро да се дел од основата исхрана, исто така се наоѓаат на повластена стапка од 10 проценти. Сметаме дека тоа е фер листа, вели премиерот
Списокот на производи со покачен ДДВ од 10 отсто е фер и добро решение бидејќи и тоа е повластена стапка, со оглед на тоа што основната изнесува 18 проценти, смета премиерот Димитар Ковачевски.
Тој вели дека нашата земја има најниска стапка на ДДВ во споредба со земјите од регионот, а при носењето на листата консултирани биле и стопанските комори и сите заинтересираните страни.
„На листата на производи со повластена стапка Северна Македонија има најголема стапка на производи со пет проценти, и тоа 1 600 производи. Сите тие се основни производи што се користат во најголеми количини. Има одреден број производи кои исто се на повластена стапка од 10 проценти бидејќи, да не заборавиме, основна стапка на ДДВ е 18 проценти. Листата на производи што се сметаат за луксузни е листа на производи што се сметаат за неосновни, во најголем дел во домаќинствата. Некои од нив, кои не се толку здрави за населението, како што се чипсот и други, за кои секој лекар ќе ви каже дека не е добро да се дел од основата исхрана, исто така се наоѓаат на повластена стапка од 10 проценти. Сметаме дека тоа е фер листа“,
рече Ковачевски.
На новинарско прашање зошто во продавниците има високи цени на производите, Ковачевски рече дека постои разлика од откупните до малопродажните цени, па затоа биле донесени мерките со гарантирана цена, кои овозможиле, како што тврди, и до 40 отсто намалување на одредени производи.
„Тоа знам дека не е лесно, знам дека сме во време на економска криза во цела Европа, но затоа имавме зголемување на минималната и просечната плата, како и на пензиите. Пред нас повторно има период, првиот квартал идната година, на зголемување на минималната плата, што секако ќе влијае и на просечната плата, дефинирани се методологии за зголемување на пензиите и на минималната плата. Имаме многу предвидлива економска политика која дава позитивни резултати, а тоа го покажуваат и статистичките показатели“,
додаде премиерот.
Прашан за бебешката храна, Ковачевски рече дека таа е на листата на пет проценти, а исто така намалени се и хигиенските производи што ги користат жените во државата, како и семенски материјал и вештачки ѓубрива кои се користат во производството на храна, земјоделската механизација.
Според Ковачевски, ние како држава имаме систем на субвенционирани производи, но тие, како што рече, во добар дел завршуваат на странскиот пазар оти таму имаат повисока цена.
„Тоа значи дека кај нас храната е поевтина. Бидејќи не можеме да забрануваме увоз и извоз, се направи оваа мерка со која нашето производство, кое се извезува, ќе може да биде конкурентно со она што се увезува. Одредени царински стапки, кои постоеја и постојат, се царинат со 65 проценти давачки кога влегуваат во државата“,
рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека маркетите ги почитуваат мерките што се однесуваат на „гарантираната цена“, а некои производи како млекото и месото, веќе бележат поевтинување од 10 до 40 отсто.
„Мерките што се однесуваат на ’гарантираната цена’ се почитуваат во маркетите без никаква селективност и веќе гледаме дека има намалување на цените на основни прехранбени производи од 10 до 30 и 40 проценти. Тоа се млекото, месото, производи од делот на зеленчукот, овошјето и тоа може да се види во маркетите“,
истакна премиерот одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Македонска економија-довербата расте“.
Премиерот Ковачевски напомена и дека мерките кои Владата ги спровела со замрзнување на цените, со ограничување на цените и маржите, како и со субвенционирање на електричната енергија, ја намалиле инфлацијата и сите економски параметри имале надолен тренд.
„Инфлацијата има надолен тренд и трошоците за живот имаат надолен тренд. Доколку ги погледнете движења на инфлацијата, ќе видите дека последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат намалување на сите параметри. Тоа е поради мерките кои ги спроведовме со намалување на цените и со ограничување на енергенсите со субвенционирање на електричната енергија. Она што можам да го предвидам врз основа на овие мерки, целта која ја поставивме од пет отсто инфлација мислам дека таа ќе се стигне до крај на годината“,
истакна Ковачевски.
Тој дополни и дека во финалнана изработка е закон за спречување нефер трговски практики. Ваков закон, вели Ковачевски, постои во ЕУ и се регулира целиот синџир на продажба, од производител до малопродавач. Законот, како што рече премиерот, ќе го регулира она што со години не било направено, а тоа се синџирот на продажба, сите маржи и дополнителни трошоци што се додаваат, и знаеја да ја зголемат цената и неколкукратно од она што продавачите го купуваат кај земјоделските производители.