Досега во земјава се регистрирани 52 случаи на заразени здравствени работници со коронавирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Како што посочи, од нив 34 се заболени во болнички и амбулантски услови. Статистички, бројот на заразени медицински лица изнесува 9,5 отсто од вкупниот број на заболени од коронавирус во земјава.
„Со оглед на тоа што некаде има лекари, тука е компромитирана работата како на пример во инфективното одделение во Куманово и таму се веќе ангажирани други интернисти, еден од Скопје и еден од Штип кои ја организираат работата на одделението“,
изјави Филипче.
Министерот најави нови набавки на заштитна опрема преку солидарниот фонд на Министерството за здравство со кој досега вели се собрани близу 500 000 евра, а преку донатори обезбедени се и респиратори, рендген апарати, бронхоскопи и речиси еден милион парчиња на заштитна опрема за третман на пациентите.
Дополнително најави дека деновиве ќе се купат нови респираторни машини, а критериумот за набавка ќе биде брзината на испорака.
На крајот од прес-конференцијата Филипче упати и апел кон неговите колеги во здравството да ги почитуваат сите протоколи за борба со пандемијата.
„Максимално да се почитуваат протоколите да се штитат на работните места, но и надвор од нив. Да се пазат постојано затоа што нивната улога и нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравствените работници. Само така ќе превенираме епидемија од поголеми размери и ќе ги излечиме сите кои што во овој момент се разболени“,
изјави Филипче.
Поврзани вести:
Расте бројот на заразени здравствени работници, се бараат дополнителни механизми за заштита
Филипче: Влегуваме во критична фаза од справувањето со коронавирусот