На оваа тема денеска расправаше Главниот кризен штаб во владата, а со свои предлози излезе и ВМРО-ДПМНЕ
Предвидени се и казни за непочитување на протоколите за постапување на медицинскиот персонал
Државниот санитарен здравствен инспекторат да продолжи интензивно со контроли и санкционирање за непочитување на мерките од страна на здравствени работници кои не се придржуваат до протоколите за работа.
Сите донатори своите донации да ги пренасочат за потребите на здравствениот систем и здравствените работници кои деноноќно посветено работат на заштита и лекување на нашите граѓани
Ова се дел од препораките од денешниот 17 состанок на Главниот координативен кризен штаб за спречување на внесување и ширење на коронавирусот. На состанокот, како што се соопштува, посебно внимание е посветено на заштитата на медицинските работници и на обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во справувањето во пандемијата.
„Едногласно преовлада заклучокот дека заштитата на здравствените работници, кои деноноќно работат на заштита на нашите граѓани и се на првата линија во борбата со коронавирусот е приоритет. Министерството за здравство од почетокот на кризата воведе протоколи за заштита за здравствените работници. Тоа се протоколите за заштита на различни нивоа и степени, со детални објаснувања кој протокол каде се користи. Од состанокот на Главниот координативен кризен штаб произлезе апелот до сите здравствени работници, да ја носат опремата, да се заштитат себеси и сите околу себе“
се наведува во соопштението од состанокот на Главниот кризен штаб.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа денеска дека, во текот на вчерашниот ден, бројката на потврдени заразени здравствени работници беше најголема до сега. Тоа, како што рече Игор Николов од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доведе до ситуација кога, иако не е достигнат пикот на епидемијата, стапката на заразен медицински персонал изнесува околу 20 проценти.
„Ова сценарио никому не му одговара, но всушност тоа ја отсликува елементарната неподготвеност на системот предводен од СДСМ, не само да одговори, туку и да ги заштити оние кои треба да ја водат борбата со епидемијата и оние кои се во првите редови. Има бројни недостатоци во условите што институциите им ги овозможуваат на медицинските лица“,
изјави Николов.
Тој посочи неколку мерки за заштита на здравствените работници:
- Ургентно да се преземат мерки за обезбедување на соодветна опрема за персоналот, негово штедење и ротации преку точно подготвен и испланиран „бел план“ за функционирање на здравствените институции. Да се земе предвид централна набавка на доволно количество на опрема.
- Да се почитуваат препораките на СЗО, а тоа е да се тестираат што поголем број на граѓани и да се почитува мотото „тестирај, тестирај, тестирај“
- Сите расположливи средства и сите расположливи институции во земјата, како Медицински факултет, Фармацевтски факултет, Академијата на науките и уметностите, Земјоделскиот факултет… да се вклучат во изведување на тестовите и на тој начин да се зголеми бројот на тестовите.
- Да се тестираат особено ризичните групи, како здравствените работници. Доколку ја имаме имунолошката слика на здравствените работници, ќе можеме да знаеме кои се оние кои што го прележале заболувањето и кои би можеле повторно да се вратат на првите линии, со цел да помогнат на населението.
- Да се воведат посериозни рестриктивни мерки и прогласување карантин во градовите со најмногу инфицирани и заболени – Скопје, Куманово и Струга. Регионите од каде што има и најмногу починати се практично најзагрозени за понатамошно ширење на болеста.
- Подготовка на големите спортски објекти за згрижување на поголема група пациенти.
- Да се продолжи со барање на меѓународна помош во опрема, материјали и експерти.
*поврзани текстови: Десеткуван персоналот на Инфективното одделение во Штип: 14 медицински лица во самоизолација
Доктор во психијатриската болница во Демир Хисар позитивен на коронавирус
Времено се затвора Заводот за рехабилитација во Козле, десетмина се позитивни на новиот вирус