Осуммина здравствени работници и двајца пациенти во Заводот за физикална рехабилитација во Скопје се заразени од коронавирусот. Поради тоа оваа здравствена установа се затвора и нема да функционира во наредниот период.
Министерот за здравство Венко Филишче соопшти дека во Институтот за физикална медицина и рехабилитација „Козле“, каде беше дијагностициран пациент заразен од ковид-19, во изминатите три дена биле тестирани 46 вработени и уште шестмина пациенти. Позитивни се осум медицински лица и двајца пациенти.
Во текот на денешниот ден, како што информира Филипче, се тестирани уште 16 пациенти кои се се уште хоспитализирани таму.
„Имајќи го предвид обемот на ситуацијата и спецификата на дејноста, Заводот во Козле нема да работи во следниот период. Пациентите кои имаа потреба од физикална рехабилитација ќе бидат препраќани во болницата ‘8 Септември'”,
рече министерот за здравство.
Филипче посочи дека е поставен нов директор во болницата во Охрид, хирургот Горан Балевски. Таму денеска завршува инспекцијата на Санитарниот инспекторат за третманот на пациентката од Струшко.
„Нашите сознанија засега се дека има одредени пропусти. Но, ќе почекаме сето тоа да се финализира за да донесеме официјален став.“
изјави министерот за здравство.

Филипче информира дека од денеска почна да се тестира за коронавирус и во поликлиниката „Чаир“ во Скопје, а од среда и во поликлиниката „Млин Балкан“. Со тоа се дуплираат капацитетите за тестирање во главниот град, а во наредните денови така ќе биде и во другите градови. Се очекува кон тестирањето да се приклучат дел од приватните лабаратории, согласно со договорите што ќе ги постигнат со Фондот за здравство.
„Имаме на располагање солиден број тестови. Покрај ресурсите со кои располагаме, уште 20 илјади тестови како донација се веќе на пат кон нашата земја, а уште пет илјади тестови се донација од наша приватна лабараторија која ќе се вклучи во тестирањето“,
рече Филипче.