Според дипломатски извори, се очекува првите евакуирани странски државјани прво да отпатуваат за Каиро по копнен пат, а потоа оттаму патувањето да го продолжат авионски. Ограничените евакуации уследија по повеќе од три недели од израелската целосна блокада на Газа и бомбардирање на густо населената енклава како одмазда за нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври
Најмалку 320 сопственици на странски пасоши и неколку десетици повредени жители на Газа денеска ја напуштија палестинската енклава и влегоа во Египет преку граничниот премин Рафах, јавија светските агенции.

Станува збор за првата група луѓе со странски пасоши кои ја напуштија Газа откако беше постигнат договор за отворање на граничниот премин, постигнат со посредство на Катар, пренесува Ројтерс.
Според договорот постигнат меѓу Египет, Израел и Хамас, 81 ранет и околу 500 лица сопственици на странски пасоши, се очекува да можат да го напуштат Појасот Газа во наредните денови, соопштија извори од повеќе земји.
Дипломатски извор запознаен со плановите на Египет за евакуација, за агенцијата Ројтерс изјавил дека околу 7 500 сопственици на странски пасоши ќе бидат евакуирани од Газа во наредниот период од приближно две недели. Истиот извор навел и дека луѓето од Газа ќе бидат евакуирани преку аеродромот Ал Ариш, кој ќе биде достапен за нивно заминување.
Според дипломатски извори, се очекува првите евакуирани странски државјани прво да отпатуваат за Каиро по копнен пат, а потоа оттаму патувањето да го продолжат авионски.
Ограничените евакуации уследија по повеќе од три недели од израелската целосна блокада на Газа и бомбардирање на густо населената енклава и влегувањето на копнени трупи како одмазда за нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври.

За евакуацијата на првата група странски државјани, меѓу кои има и Американци, информира и портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, кој рече дека Вашингтон очекува напуштањето на Газа на американските граѓани и други лица да продолжи и во следните денови.
„Ситуацијата останува исклучително нестабилна, но ова беше важен напредок и ние ќе продолжиме да работиме за да се осигураме дека сите американски граѓани кои сакаат безбедно да ја напуштат Газа да можат да го сторат тоа“,
рече Милер во изјава за новинарите.
Палестинските власти соопштија дека 76 ранети жители на Газа и 335 странски сопственици на странски пасоши успеале да ја напуштат територијата, со што вкупниот број достигна повеќе од 400, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека „благодарение на американското раководство“ обезбедиле безбеден премин за ранетите Палестинци и странски државјани од Газа.
„Очекуваме американските граѓани да заминат денес и очекуваме да видиме повеќе заминувања во наредните денови. Нема да престанеме да работиме за да ги извлечеме Американците од Газа“,
напиша Бајден на платформата „Икс“ (претходно Твитер).
Today, thanks to American leadership, we secured safe passage for wounded Palestinians and for foreign nationals to exit Gaza.
— President Biden (@POTUS) November 1, 2023
We expect American citizens to exit today, and we expect to see more depart over the coming days.
We won’t let up working to get Americans out of Gaza.
Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека САД не веруваат дека милитантната група Хамас може да биде вклучена во идната администрација на Газа кога ќе заврши војната со Израел.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, исто така рече дека САД не поддржуваат трајно населување на цивилите од Газа надвор од Појасот.
Во меѓувреме и Министерството за надворешни работи на Велика Британија соопшти дека меѓу првата група која минала преку граничниот премин Рафах од Газа во Египет има и британски државјани.

Од Министерството не навеле за колку Британци станува збор, но посочиле дека списокот на британски државјани кои сакаат да ја напуштат Газа бил договорен со египетските и израелските власти, пренесува Би-би-си.
Со отворањето на граничниот премин Рафах меѓу Египет и Појасот Газа се овозможува евакуација на петтемина македонски државјани од оваа област, посочија денеска од Министерството за надворешни работи (МНР) поздравувајќи ја одлуката за отворање на преминот.
Новиот македонски амбасадор во Тел Авив, Шпенд Садики, минатата недела информираше дека во Газа се петмина македонски државјани – брачен пар и татко со две мали деца.
Петтемина, како што посочуваат од МНР, се веќе вклучени во списоците за евакуација и согласно околностите и динамиката се очекува наскоро да бидат евакуирани заедно со другите странски државјани од Појасот Газа.
„Преку тесна и континуирана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани, Министерството за надворешни работи е непосредно и континуирано активно вклучено, со цел нашите државјани да бидат безбедно и навремено евакуирани“,
информираа денеска од МНР.