Трите обвинителки, како и републичкиот обвинител Јовески, сега треба да бидат повикани на седница на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност. Русковска, Трајчева и Јосифоска имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог за дисциплинска постапка

Против поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, и двете обвинителки, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, ќе се води дисциплинска постапка поради претресот што беше направен во Управата за финансиска полиција (УФП) во јули годинава.
Од Јавното обвинителство соопштија дека формираната Комисија за утврдување дисциплинска одговорност одлучила дека треба да се поведе постапка како што предложи републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
„Постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Против ова решение на Комисијата не е дозволена жалба. Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе биде повикан подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог“,
соопштија од прес-службата на Јавното обвинителство.
Во алинеја 6 од членот 91 од Законот за јавно обвинителство, за кое Комисијата утврдила дека постои основи на сомневање дека е сторено такво нешто, е наведено дека тешка дисциплинска постапка на обвинител се смета „ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основа за утврдување на одговорност на јавниот обвинител“.

Претресот УФП од страна на ОЈО ГОКК беше извршен 18 јули и со него се чини дека ескалираше антагонизмот помеѓу Русковска и тогашниот директор на Управата, Арафат Муареми. Муареми тогаш реагираше дека од Обвинителството во барањето за претрес до судот дале погрешни податоци дека има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот, според неговите тврдења, немало ништо туку само анонимна кривична пријава без докази.
Беше извршен и надзор, по што од кабинетот на државниот обвинител Љубомир Јовески излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот, а го посочија и тоа што го коментираше Муареми, дека во барањето за претрес до судот е наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
По надзорот покрај предлогот од Јовески да се поведе дисциплинска постапка за шефицата и двете обвинителки од ОЈО ГОКК, за Русковска дополнително беше одредена и суспензија, на која таа се жалеше, но Советот на јавни обвинители ја отфрли жалбата.
Муареми, пак, за истиот случај поднесе и кривична пријава против обвинителките за што постапка се води во ОЈО Скопје.
Во последниот свој јавен настап во интервју за ИРЛ, Русковска, го посочи овој случај како еден од трите што придонеле таа да биде суспендирана.
*Поврзани вести:
- ОЈО за гонење организиран криминал врши претрес во Финансиската полиција
- Финансиската полиција поднесе претставка до ЈО за извршениот претрес во нејзините простории
- Обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифоска ќе добијат кривични од Муареми
- Муареми од Финансиската полиција обвинува за инсценирани напади од ист центар, побарал одговорност и за судија
- Јавното обвинителство утврдило низа пропусти во случајот со Финансиската полиција
- Русковска повика странски амбасади и европската обвинителка Ковеси да реагираат поради присоци од директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми
- Државниот обвинител Јовески ја суспендира Русковска
- Си оди и Арафат Муареми по суспензијата на Вилма Русковска
- Русковска и официјално осомничена, но не се откажува – конкурирала за шеф на Организиран криминал
- Русковска: Пред две недели дознав дека формирале комисија и ми ги празнеле фиоките од бирото
- Русковска смета дека три предмети ѝ „пресудиле“ за суспензијата