Претседателот на ДИК, според информации оттаму, е недостапен за колегите, кои го чекаат да закаже седница затоа што денеска треба да се ревидира роковникот, а утре да почне кампањата
Кондарко изјави за „360 степени“ дека ревидирањето на роковникот ден по завршувањето на вонредната состојба е законска обврска што произлегува од Уредбата за изборите и заклучокот на ДИК
Членовите на ДИК, според наши иформации, од вчера не можат да стапат во контакт со претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски, од кого се очекува за денеска да закаже седница за ревидирање на роковникот за 10. парламентарни избори, што би требало да се одржат на 5 јули, со оглед на тоа што на полноќ заврши вонредната состојба.
Дел од членовите на ДИК од утрово се во просториите на Комисијата и велат дека Деркоски не одговара на нивните повици.
И „360 степени“ се обиде да стапи во контакт со претседателот на ДИК, за да се информираме дали Комисијата ќе заседава денеска, ама тој не одговори на телефонскиот повик.
Според владината Уредба за изборниот процес, изборите треба да се одржат во рок од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба – во случајов на 5 јули, со тоа што веќе денеска ДИК треба да усвои ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија, а кампањата, според најавите на членови на Комисијата, би требало да почне веќе утре и да трае 20 дена.

Поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, кој е сега член на Комисијата од СДСМ, потврдува дека членовите го чекаат Деркоски да закаже седница, затоа што, како што вели, тоа е негова надлежност. Вели дека членови на ДИК и по службен пат ќе испратат известување до Деркоски дека Комисијата треба да заседава денеска.

Кондарко вели за „360 степени“ дека, согласно владината Уредба за изборите и заклучокот на ДИК во однос на Уредбата, роковникот треба да се ревидира денеска.
„Ревидирањето на роковникот ден по завршувањето на вонредната состојба е законска обврска што произлегува од Уредбата за изборите и заклучокот на ДИК. Тоа е фактичката ситуација во овој момент, со оглед на тоа што заврши вонредната состојба. И ние мора да постапуваме согласно со Уредбата. Сепак, надлежност и обврска на Деркоски е да закаже седница“,
ни изјави Кондарко.
На седница во петокот, Деркоски изјави дека ДИК е секогаш подготвена за организација на изборите во законски определените рокови.