Државната изборна комисија (ДИК) се подготвува за избори и ќе ги преземе сите неопходни активности од технички и административен аспект за подготовка согласно Уредбата на Владата со законска сила.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски на денешната седница на комисијата рече дека врз основа на Уредбата и согласно со Изборниот законик, ќе испратат барање до Министерството за внатрешни работи и до управите за санкции и за водење матични книги за прибирање на потребните податоци.
На новинарско прашање, Дерковски изјави дека согласно Изборниот законик ДИК не го определува датумот за избори. ДИК е, рече, секогаш подготвена за избори за организација на изборите во законски определените рокови. Во моментов, посочи, работат на дислоцирање на избирачки места согласно со насоките на здравствените власти.
„Без разлика кога ќе биде денот на изборите, ние им дадовме на некој начин насока на нашите подрачни единици вработените таму да бараат избирачки места со поголема квадратура, со отворени прозорци, според насоките од здравствените власти за да може да дислоцираме избирачки места. И има доста голем број којшто дале повратен одговор и каде што вршиме и промена на избирачките места“,
рече претседателот на ДИК.
Тој вели дека оваа постапка е во тек и ќе продолжи. Од 3.480 избирачки места, според Дерковски околу 700 се со договори за закуп од приватни лица и тоа ќе биде поголем проблем, бидејќи тие се простории со помала квадратура.
Како Комисија, додаде, ќе направат максимални напори да ги обезбедат потребните услови согласно протоколите од здравствените власти и согласно нивните акти што ќе ги носат понатаму.
„Ќе направиме максимални напори да обезбедиме соодветна заштита на сите кои ќе учествуваат во процесот – изборните органи, членови и заменици на избирачки одбори на општински комисии и се надевам дека ќе успееме во тоа“,
рече Дерковски.
Членот на Комисијата, Наќе Витанов, истакна дека согласно Уредбата со законска сила за дополнување на претходната Уредба ДИК денеска ја почнува својата работа во техничкиот дел за организирање и спроведување на изборите, а се однесува на ажурирање на Избирачкиот список.
Согласно Законот, рече Витанов, се доставија документи, односно барања, пред сè, до МВР да ни ги достави сите податоци за граѓаните на РСМ согласно член 33 став 6, а тоа е во тој Избирачки список да влезат сите кои имаат важечки лична карта или патна исправа и се со наполнети 18 години до денот на изборите, кога ќе биде тој ден.
„Побарано е од основните судови да достават податоци за сите лица на кои им е одземена деловната способност до вчерашниот ден. Исто така, од Управата за водење на матични книги да достават податоци за сите лица со наполнети 18 години, а лицата кои починале до вчерашниот ден да се избришат од Избирачкиот список. Од Управата за спроведување на санкции, пак, е побарано да достави список на лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и со тоа целокупниот Избирачки список ќе биде ажуриран и целосен“,
вели Витанов.
Според него, оваа постапка оди подолго време но се надеваат дека според законскиот рок од 10 дена пред денот на изборите ќе биде изготвен Избирачкиот список.