Она што го очекуваме од ова обвинителство и од новиот шеф е да ја продолжи својата работа со одлучност и професионализам, на идентичен начин како што тоа го очекуваме во рамките на целиот сегмент на владеење на правото. Постои изразена и сериозна јавна загриженост за процесот на негов избор. Тоа загрижува, но она што го очекуваме е тоа обвинителство да испорача, вели Гир во интервју во емисијата „Агенда 35“ на националниот радиодифузен сервис
Евроамбасадорот отворено зборува за неусогласеноста меѓу помошта- техничка и финансиска што ЕУ ја вложила и ја вложува во владеењето на правото и надлежните институциите и она што до сега земјава го има постигнато на ова поле.
Европската Унија од новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, очекува одлучно и професионално да работи, вели евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, при своето гостување во емисијата „Агенда 35“ на националниот радиодифузен сервис и додава оти се свесни дека постои сериозна загриженост во јавноста околу неговиот избор.
„Да се фокусираме на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата. Инвестиравме многу во тој дел. Она што го очекуваме од ова Обвинителство и од новиот шеф е да ја продолжи својата работа со одлучност и професионализам, на идентичен начин како што тоа го очекуваме во рамките на целиот сегмент на владеење на правото. Постои изразена и сериозна јавна загриженост за процесот на негов избор. Тоа загрижува, но она што сега е потребно е тоа обвинителство да испорача“,
вели Гир во интервјуто.
Евроамбасадорот релативно отворено зборува за неусогласеноста меѓу помошта – техничка и финансиска – што ЕУ ја вложила и ја вложува во владеењето на правото и надлежните институциите и она што до сега земјава го има постигнато.
„Сега, кога ги отворивме преговорите и скрининг-процесот е во тек, нашиот фокус е поголем и удвоен. Нашиот фокус на владеењето правото за време на преговарачкиот процес ќе биде присутен во секоја фаза од процесот, од почетокот до самиот крај. И тој фокус нема да биде само колку земјата се усогласила со законите со оние на Европската Унија туку и нивната имплементација. Европската Унија и нејзините земји членки вложија голема техничка експертиза и финансиска поддршка во областа на владеењето на правото вклучително и во Обвинителството. Ние очекуваме, како што очекуваат и обичните граѓани, резултати од таа поддршка. Што мислам под резултати. Во областа на владеењето на правото мислам на судии и обвинители кои се професионални и независни, кои дејствуваат со интегритет ослободени од политички и финансиски влијанија бидејќи на тоа почива довербата во судството, обвинителството и владеењето на правото во генерална смисла. Но, ние не сме таму. Иако има некои достигнувања на патот кон владеењето на правото, но потребно е многу повеќе. Она што е потребно е одлучна акција во областа на владеењето на правото и внимание кон некои од овие клучни прашања“,
вели Гир.
Тој со позитивен тон ја истакнува работата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и на Државниот завод за ревизија (ДЗР), посочувајќи дека тоа е нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот нас земјава. Сепак, ставот на евроамбасадорот и тука содржи „но“, а се однесува на реакцијата и процесирањето на препораките, односно извештаите што овие две тела ги доставуваат надлежните институции за гонење на корупцијата.
„Во полето на борбата против корупцијата има многу актери, вие споменавте едно обвинителство чија работа сакаме да продолжи и особено да се осигури дека тие случаи кои се префрлени од Специјалното јавно обвинителство да напредуваат. Но, сакам да напоменам дека има уште многу други актери, особено некои институции и индивидуи кај кои има напредок, пред сè тука мислам на Државната комисија за спречување на корупцијата и на Државниот завод за ревизија, двете играат позитивна улога. Но, и тука треба да се постави прашањето зошто препораките на овие тела не се процесираат систематски. Тука очекуваме многу. Мислам дека само што ја истакнав нашата разочараност од брзината со која напредува владеењето на правото, иако има некои постигнувања“,
истакнува шефот на делегацијата на ЕУ во С Македонија.
Сакајќи да биде јасен, Гир во интервјуто уште еднаш истакна дека она што ЕУ го очекува од новиот шеф на ОЈО ГОКК е да ги убеди дека под негово раководство ова обвинителство ќе испорача резултати.
Да бидам јасен уште еднаш, од новиот шеф на ОЈО ГОКК очекуваме да нè убеди дека Обвинителството ќе испорача во однос на својата одлучност, професионализам и напредок во случаите што ги работи. Но се согласувам, целото прашање околу корупцијата и организираниот криминал, но особено корупцијата треба да се адресира на систематски начин, затоа ги споменав Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија и потребата од постапување по нивните препораки“,
порача евроамбасадорот Гир.
Најострата критика за изборот на Ислам Абази за шеф на најважното и најмоќно обвинителство дојде од Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер.
Таа изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на Обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Во писмениот одговор на нашите прашања, јасно се вели дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК на почетокот на ноември. Не го избираше Советот на јавни обвинители како досега туку за него гласаа сите обвинители во земјата.
За истата позиција конкурираа уште тројца обвинители. Во неделата пред изборот сите се појавуваа пред медиуми и ја претставуваа својата програма, за разлика од Абази кој остана анонимен и за јавноста, а неофицијално и за дел од колегите. Па, сепак, на крај тој освои најмногу гласови, меѓу другото, значителни седум гласа во штипското апелациско подрачје, а победи и во битолското апелациско подрачје.
Обвинувањата дека за негов избор работела и политиката добија основа кога веднаш по изборот во јавноста почнаа да се појавуваат фотографии на Ислам Абази со високи функционери на владејачката ДУИ. Засега тој се брани дека станува збор за случајни средби.