Горбачов важеше за лидер од светски рамки кој беше миленик и на Западот затоа што помогна мирно да заврши Студената војна, а добитник е и на Нобелова награда за мир во 1990 година поради неговата водечка улога што ја имаше во радикалните промени на односите помеѓу Истокот и Западот. Меѓутоа, многу Руси не може да му простат што не го спречил распадот на Советскиот сојуз
Последниот советски лидер, Михаил Горбачов, кој помогна да се стави мирен крај на Студената војна денеска ќе биде погребан во Москва.
Горбачов почина во вторникот на 91-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот одар во импозантната историска градба Сала на колоните, недалеку од Кремљ, каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери. Тој ќе има воена почесна гарда околу одарот, што е само еден елемент на државните почести. Други почести ќе нема. И неговата ќерка, Ирина, изјави дека погребот ќе биде скромен.
Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на погребот поради, како што соопшти Кремељ, обврските од неговиот работен календар. Претходно во четвртокот, тој положи цвеќе и изрази длабоко сочувство до семејството.
Ако се има предвид дека распадот на Советскиот Сојуз Путин го нарекува „најголемата геополитичка катастрофа на векот“, како и гласините дека двајцата имале „затегнати односи“ и нивната последна средба наводно била во 2006 година, тогаш и не е изненадување што рускиот претседател му ги скрати државните почести на Горбачов и одлучи поради „презафатеност“ да не присуствува на погребот.
Поради руската инвазија на Украина, нема да присуствуваат и многу западни шефови на држави и влади кои се претпоставува дека вообичаено би отпатувале во Москва да му оддадат последна почит.
Горбачов важеше за лидер од светски рамки кој беше миленик на Западот затоа што помогна мирно да заврши Студената војна, да се олесни обединувањето на Источна и Западна Германија и да се склучи договор за контрола на оружјето со САД. Добитник е и на Нобелова награда за мир во 1990 година поради неговата водечка улога што ја имаше во радикалните промени на односите помеѓу Истокот и Западот.
Тој ја презеде власта во 1985 година, воведе храбри реформи и го отвори СССР кон остатокот од светот. Меѓутоа, не беше во можност да го спречи распадот во 1991 година, а многу Руси тоа не можеа да му простат во годините потоа. За тоа сведочи и неговиот неуспешен обид да се врати во политичкиот живот во 1996 година кога доби само 0,5 отсто од гласовите на претседателските избори.
Надвор од Русија, пак, уживаше широка почит за што сведочат и пораките што беа испратени по повод неговата смрт. На пример, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, рече дека Горбачов го сменил текот на историјата, а американскиот претседател Џо Бајден го нарече „редок лидер“.